Вечерва во Куќата на Уранија, беше промовирана третата стихозбирка на Марија Младеновска, насловена како „Заборавената градина“.
На промоцијата на новото поетско остварување на Младеновска, се обрати еден од промоторите на книгата, Зоран Јаќимоски, кој истакна дека нејзината поезија ја краси сугестивната моќ на наједноставно и грижливо одбрани зборови.
„Ние зборуваме за нова поетска книга во време кога пишувањето поезија е навидум демоде, бидејќи прозата веќе деценија-две има поголема популарност меѓу читателите. Тоа само го уточнува ставот дека поезијата има само еден карактер, дека таа е само за оние кои најдлобоко веруваат во зборовите и во нивното значење.“ – изјави Јаќимоски.
Тој додаде дека „Заборавената градина“ на Младеновска, претставува нејзино најдобро поетско остварување.
„Како што би рекол почитуваниот Блаже Конески, таа ни го дава она драго чувство на искреност и непосредснот што е секогаш во суштината на вистинскиот поетски чин. Уште првата песна со наслов „Заборавената градина“, ни го одгатнува самиот наслов на книгата и ни посочува кој сегмент е предмет на поетскиот интерес. Некои од песните имаат толку силен набој, што едноставно мораме да ги споменеме. Пред се мислам на „Будење“, „Сон“, „Старост“ како и „Заборавената градина“. Самата човечка појава во стиховите на Младеновска е поистоветена, односно е екививалентна на поетското дејствување.“ – додаде Јаќимоски.
Пред присутните се обрати и авторката Марија Младеновска, која се заблагодари за поддршката добиена од нејзиното опкружување.
Како дел од промоцијата, беше и настапот на градскиот хор при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Инаку, Марија Младеновска е родена во Крагуевац, Србија, а Охрид и Македонија се нејзиното животно пристаниште. Има завршено Виша педагошка школа во Битола и е долгогодишен просветен работник. Авторка е на уште две стихозбирки и тоа „Моето езеро“ и „Мојата последна генерација“.
O.T.