Промовирана студијата за хидрогеолошките карактеристики на Белчишко Блато (Сини Вирој) денес во просториите на Општина Дебрца. Оваа студија е прва од ваков вид за овој локалитет и околниот регион, а издавач е Здружението за екологија и туризам „ЕКОТУРИЗАМ 2016“, Охрид.
Градоначалникот Зоран Ногачески, заедно со претставниците од „Екотуризам“, Ѓоко Зороски и Гоце Колески, на денешната промоција го нагласија значењето на оваа студија, според која блатото е хидрографски објект од стратешко значење за општината и поширокиот регион.
Во услови кога светот се бори со климатски промени и кризи за вода, Белчишко Блато има постојана издашност од 2 – 3 m 3 /s вода, што теоретски е доволно за водоснабдување на град со околу 400.000 жители, велат од Здружението.
Во изработката на студијата биле вклучени искусни хидрогеолози и тимот од здружението.
Студијата ги дефинира хидрогеолошките карактеристики на теренот на поширокиот простор на блатото со вкупна површина од околу 100 km 2 . Taa дава предлог за воспоставување мониторинг на квантитативни и квалитативни карактеристики на подземните и површинските води. Исто така изработени се и карта на ранливост на подземни води и карта на ризик од загадување на подземни води, кои треба да се земат во предвид во идниот развој и просторно планирање на регионот, додаваат од Здружението.
Инаку, студијата е дел од активностите кои „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид ги спроведува во процесот на прогласување на блатото кој е во тек, а е достапна и на англиски јазик.
Извршени се бројни научни и едукативни активности, а процесот ќе биде крунисан со добивање статус на блатото заштитено подрачје со категорија – Парк на природата.
OhridNews