Денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана стихозбирката „Насолзено цвеќе“ од уметникот Љубен Цветкоски.

Деновиве во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ излезе од печат стихозбирката НАСОЛЗЕНО ЦВЕЌЕ од Љубен Цветкоски. Тоа е книга создадена од за жал очај и болка и непребол по прерано починатиот син. Таа семејна трагедија и траума нашиот Љубен се обидува преку стихови да ја надмине а од друга страна нам да ни ја пренесе неговата поврзнаост со синот и семејството, рече в.д директорката на нашата библиотека Христина Трпеска.

Бравурозно како тоа што често го правел и прави со сликарската четка и создава импресивни акварели, така со збор Љубен ги насликал миговите и ситуациите кои се врежани во неговото срце и душа а се сврзани со неговиот син Александар – Цвеќето, рече промоторот и уредник на книгата м-р Милчо Јованоски.

Радоста и хармонијата, семејната среќа како гром од ведро небо ги погодува и фрла во очај и агонија поради кобната болест на нивното најубаво и најнежно цвеќе Александар. Цвеќе со најубав опоен мирис кое го нема во ниту едно цветно поле а вирее само во нивните срца. Стиховите во НАСОЛЗЕНО ЦВЕЌЕ се крик на болната вистина чиј пат не може да се смени. Од детството преку младоста, со секојдневните палави игри, испомешани со минатите и скорешните искуства Александар живее во секој негов напишан стих. Оваа промоција ја сфаќам како чистилиште на нивните души, создавање заеднички невидлив споменик од стихови за Александар – Цвеќето. Споменик создаден од букви, зборови и емоции со кои секој ден по неговото заминување ги забележал неговиот татко Љубен. Пред и уште потоа по нивното невидливо речиси секојдневно среќавање од и до неговото вечно почивалиште, рече Јованоски.

Во отсуство на писателот Ефтим Клетников беше прочитана неговата рецензија во која вели дека станува збор за сеизмографски записи на срцето во кое нашол пристан јазикот и природно се вглобил во неговиот ритам, како отчукување на емоциите и мислите што ја одразуваат најдирекно и најживо филозофијата на авторот и неговото Јас, закотвено во средиштето на егзистенцијата, што не му е баш наклонета на човекот.

А од нејзината неблагонаклоност, човек се брани, покрај другото и со уметност во која ја трансцендира и преобразува од пад во лет, од болка во радост, од неспокој и траума во нирвана. И тоа може да се види во секоја песна и во секој стих во стихозбирката на Цветкоски. Тука, рака под рака како сестри близначки одат заедно и болката и радоста од постоењето, ткаејќи на разбој на мислите и чувствата, неговата хармонија, пишува Клетников.

Авторот Цветкоски се забалагодари на сите за покажаната емпатија и споделената тага.

Стихови од книгата читаа ученичките Ивана Ническа и Елена Размоска од средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ по избор на професорката Марија Стрезовска.

OhridNews