Во прекрасниот амбиент и духовно богата атмосфера, во храмот „Св. Софија” во Охрид, викендов се одржа промоцијата на книгата „Диви води” од поетесата Ана Рувиноска.
За себе не можам да кажам дека пишувам откако знам за себе. Почнав да пишувам во последните години од средното образование и тоа – некои почетнички стихови. Пишувам и поезија и проза, но повеќе можам да се изразам преку поезијата, преку стиховите. – изјави авторката.
Стихозбирката „Диви води’ е една од трите први издадени книги во рамки на издавачката дејност на Академија ЕУРОАРТ. Рувиноска е член на оваа академија неколку години.
Самата академија и сите луѓе во неа зрачат со енергија и, навистина, ми е мило што сум дел од неа. Им благодарам на раководителите што ме поддржаа и што ме навлекоа кон длабочините на книжевните води, давајќи ми соодветни насоки. – рече Рувиноска.
Најголем виновник за публицирањето на првото книжевно дело на Рувиноска има универзитетската професорка од Филолошкиот факултет во Штип, инаку рецезентка, уредничка и промоторка на книгата – проф. Милена Ристова-Михајловска. „Токму таа ме препозна и ме поддржа“, истакнува авторката. Втора рецензентка на книгата е професорката Наташа Лазарева.
Инспирација ми се изворите, водите воопшто, длабочините и бескрајното небо. Секоја песна ја доживувам како еден извор кој тече, се влева во нешто поголемо, во нешто бескрајно, а диво. Верувам во мојот свет, којшто токму јас си го создадов, во тој свет јас сум врховен владетел и судија. Верувам во моите внатрешни гласови, затоа што токму од душата на тие внатрешни гласови извира сета моја поезија. Тој свет ми е лојален мене и јас сум му лојална нему. – вели Рувиноска.
Збирката „Диви води’ од поетесата Ана Рувиноска претставува освежување на македонската современа книжевна сцена. Самиот наслов, носејќи ја во себе лексемата „води“, го отвора херменевтичкото поле за расчитување на водата како симбол. Ана избира на водата да и‘ го припише очистувачкото или ако сакате: прочистувачкото дејство. Притоа, до израз доаѓаат премостувањето на страданијата, патот од лутање кон созревање и рутата од темнопространието до себеспознанието, рече на промоцијата Милена Ристова-Михајловска.
Поетските творби во книгата се подредени во три циклуса, насловени како: „За љубовта“, „За темнината што никогаш не стана светлина“ и „За сите неба и сите животи“. Песните не се насловени, туку се совпаѓаат со насловот на циклусот каде припаѓаат. Вака подредените песни имаат еден тек што претставува премин од темнина во светлина, од незрелост во зрелост или – едно духовно растење, една градација во нагорна линија. Од стихотворенијата извираат конотациите на чистотата и сите катарзички лица на љубовта. – посочи промоторот на книгата Ристова-Михајловска.
Оваа поезија е лечителна, утешителна, едноставна, а длабока. Колку повеќе во неа се води дијалогот на сам(а) со себе и колку повеќе „се полемизира“ за доминацијата на едната или на другата страна на личноста, толку повеќе спротивставувањето на „егото“ и „алтер егото“ доведува до водење на класичен психолошки дијалог под перото, а со тоа и резултат од совршена катарзичност кај реципиентот. Водите во поетиката на Ана Рувиноска, разгледувани преку односот на долните и горните води, би биле диви, разбранувани наспроти кротки, смирени. Дивотата асоцира на матнина, но и на младешка енергија, ентузијазам и нескротена амбиција”, додава во рецензијата Ристова-Михајловска.
Ана Рувиноска е студентка во трета година на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот ,,Гоце Делчев” во Штип.
За мене студирањето на Филолошкиот факултет во Штип е преголемо искуство преку стекнувањето на прекрасни пријателства, преку предавањата реализирани од енергични и неуморни професори, кои секогаш се достапни и подготвени да нè ислушаат нас, студентите. – дополнува Рувиноска.
Книжевно-музичкиот перформанс совршено го реализираа: Маријана Николова, Милена Тасева, Верица Милорадова, Огнен Секулоски, Виктор Јолакоски и Кирил Наумоски. Модератор на настанот беше Верица Милорадова.
Печатењето на книгата и целокупниот проект се финансиски поддржани од Општина Охрид, АД „Лихнида”-Охрид и ЦИП – АЛАТИ.
OhridNews
Фото: А.Момироска