Во Културно-информативниот центар „Култура 365“, вчера, беше промовирана четвртата стихозбирка на писателот Петко Шипинкаровски, со наслов „Бели утра“.

Авторот пред бројните присутни, истакна дека му е особено драго што после 17 литературни остварувања, ја промовира својата нова стихозбирка токму пред охриѓани.

Особено ми драго што за прв пат после 17 мои дела сум овде во Охрид и што ме почестивте да се запознаете со дела од мојата четврта стихозбирка. Како што потоците се слеваат во реката, така и ние писателите со минатото, со сегашноста и иднината, го пишуваме тоа што било вчера и денес и оставаме порака за утре.“ – истакна пред присутните, писателот Петко Шипинкаровски.

Еден од промоторите на книгата, Тоде Илиевски, потенцира дека Шипинкаровски со своите 10 романи го потврдува присуството во македонската литература, а преку „Бели утра“ ја најавува љубовта во светот на поезијата.

Бели утра претставува најава за можни нови зафати на лирско-епскиот израз со присуство на неговите омилени теми,  како што се родољубитето, љубовта и животот обликуван преку природните убавини на родниот крај, грдата слика на македонското напуштено село, младешкиот занес и митската убавина. Шипинкаровски со децении работи на поетската фреска наречена југо-западна Македонија. Мариово, Битола, Охрид, Струга, односно Кајмакчалан, Пелистер, Галичица, Јабланица, односно Црна Река, Преспанско Езеро, Охридско Езеро и Црн Дрим. Ова се три низи од по четири поими, кои за писателот се јадрото за вечно вдахновнение.“ – потенцира Илиевски.

Промоторот Мерсиха Исмајлоска, истакна дека „Белите Утра“ на Шипинкаровски суптилно навестуваат нешто убаво.

Лирскиот субјект го гушка небото на некои поетски бисти и кладенци, повикува на танц на крилата, небаре поезијата по малку кревко, но сигурно го обезебедува својот простор. Така, „Медовината од уста ти тече, рече езерото“, повторно алудира на онаа поетска функција, медот да го идентификува со благост, со поетска вештина. Нештата да ги каже поинаку, метафорично или симболично, а сепак посебно и директно поврзани со поетската интимност.“ – истакна Исмајлоска.

Стихови од новото лирско остварување на Шипинкаровски, пред присутните прочита м-р Лидија Размоска.

Инаку, Петко Шипинкаровски досега има објавено шест романи, две романизирани монографии, книгата раскази „Залезнина“ и монодрамата за Толе Паша. Застапен е исто така во повеќе публикации и прилози. „Бели утра“ е негова четврта поетска збирка. Главен и одговорен уредник е на списанието за книжевност „Бранувања“ што се објавува во Струга.

О.Т.