Педесет години постоење на „Охридско лето“ е потврда за едно незаборавно време, време на голем ентузијазам и успешна работа на многубројни имиња од светот на уметноста, кои со свое учество придонесоа фестивалот да стане препознатлив бренд за градот Охрид, Охридското Езеро и Република Македонија, беше истакнато на промоцијата на Монографијата „50 години Охридско лето“, што се одржа синоќа во катедралната црква Св. Софија.

Обраќајќи се пред присутните заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ истакна дека монографијата е уште еден доказ дека развојот на културата, цивилизацијата во целина и претставува интеграциски процес на материјалното и духовното творештво.

Раководителот на тимот за изработка на Моноградијата. Ана Анастасова-Чадиковска, изрази благодарност до сите кои го помогнаа издавањето на, овој, како што рече,  значаен архивски документ.

– Ова се само првите 50 години на фестивалот „Охридско лето“, оној што го направивме и ќе го правиме од љубов и со љубов, тука во древниот Охрид кај белото езеро, во Македонија, земјата која за сите нас уметниците и вљубениците во чинот на креативното всушност е ѕвезда, рече Анастасова – Чадиковска.

По повод 50-0т роденден на „Охридско лето“, Управниот одбор на фестивалот со посебна одлука ја награди оперската певица Ана Липша-Тофовиќ со Златна фестивалска плакета за посебни заслуги. Иако Липша од оправдани причини не беше во „Света Софија“, со бурен аплауз беа поздравени нејзините зборови, прочитани од телеграмата што таа ја испрати во знак на благодарност за укажаната чест.

– Се гордеам што прва запеав во овој свет храм и што го дадов својот придонес во градењето на кулурната историја на Македонија. Денес Охридското лето стана тоа за што сонувавме пред 50 години. Вечерва и фреските пеат, славејќи заедно со нас-беше истакнато во пораката на првенката на Македонската опера, со чиј концерт пред пет децении се роди  фестивалот Охридско лето.

Одбележувањето на роденденот на фестивалот, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше заокружено со оперски гала-концерт.