Во свежа вевчанска вечер и во импресивниот амбиент на тремот на светиот храм Свети Никола во живописното Вевчани, со благослов на отец Зоран и во присуство на бројни поети, писатели, роднини и пријатели, синоќа, беше промовирана поетската рожба на Димче Шипинкаровски, збирката “Татковиот аманет”, во издание на Здружението за литература, култура и наука “Бран” од Струга.

Чинот на промоцијата се одржа во рамките на “Вевчанското културно лето”, годинава јубилејно – десетто по ред, за што зборуваше Сашо Бетоски, познат културен работник и афористичар. Уредник на изданието е Борче Панов, додека профсор д-р Христо Петрески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, во посебна рецензија, прави осврт врз творештвото на Шипинкаровски.

Петрески, синоќа, во промотивната реч, повтори дека, покрај насловната песна, посветена на неговиот покоен татко, писателот, поет и есеист Петко Шипинкаровски, Димче Шипинкаровски, остава белег во македонската поетска ризница, уште и со песните “Испустено огниште”, и “Голем ангелу од Небрегово”, посветени на Блаже Конвски, потоа “Нож в грб”, посветена на Коле Чашуле, како и со бројните лирски записи, како во песната “Вака зјдвит сонцето во Струга”.

Еден од новите современи македонски автори е и Димче Шишпинкаровски, поет од Струга, кој, преку својата поетска книга “Татковиот аманет”, презентира поезија создавана во 2020 и 2021 година. Во неговите свежи, доживеани и искрени песни, тој ја раздиплува целата своја интима, исполнета со немир, страст и пркос пишува, рече, мегу другото, проф.д-р Христо Петрески.

Импресивно промотивно слово имаше публицистот Мишо Китаноски, вевчанец кој живее во Скопје. Тој поебно ги нагласи човечките димензии и семејните доблести на авторот Шипинкаровски, испреплетеноста со татковинските родољубиви чувства кон својата земја, како и посветеноста кон нејзините истакнати чеда, како Блаже Конески, Коле Чашуле и други.

Честа да каже неколку збора, што не би биле одвишок после кажувањата на Петрески и Китаноски ја имаше и новинарот, колумнист и публицист Веле Митаноски.

Од поезијата на Димче, мене посебно ме трогна, цврстината на семејното стебло на татко му Петко, опстојноста и посветеноста на мајка му Крста (мојата Кети, велеше Петко), сега потпрено и од Димче, кој пее за мајка си Кети, за сестра си Јованка, нејзините чеда, Коста, Кристина и Јана, сопругот Антон, сопругата на Димче, вевчанката Захарија, по корен вевчански од Парталкој, како и за двајцата арслани, синовите Петар и Никола, воспитаници од најпознатите британски универзитети, а сепак, вратени назад на родната грутка, рече Митаноски.

Сето кажано, на сублимиран начин, го презентираше авторот Димче, кој го прочита аманетот на татко му Петко, објавен за животот, во едно од неговите бројни изданија, а сега преобјавен како воведно четиво во збирката “Татковиот аманет”.

Димче Шипинкаровски е добитник на награда, за 2022 година, на престижната поетска манифестација “Антево Слово”, која се доделува во чест на истакнатиот македонски поет Анте Поповски.

OhridNews