Синоќа во просториите на КИЦ „Култура 365“ беше промовираното најновото литературно остварување од охридскиот автор Наум Трајчески, насловено како „Патеки на животот“. Книгата е збирка раскази во кои се вткаени приказни од секојдневието, низ кои се претставени различни емотивни состојби.

Обраќајќи се пред бројните присутни, меѓу кои членови на Литературниот клуб Охрид, семејството на авторот и љубители на пишаниот збор, м-р Лидија Размоска рече дека преку животните судбини во книгата, авторот сака да ја покаже својата креативност во опишувањето на настаните.

Она на што асоцира авторот во овие раскази претставува потребата на секој оној кој ќе ги чита, да биде пронајден во нив, а симболично прикажана преку недостигот, тајните, љубовта, неверството, интригите, желбата за самостоен живот.“ – рече Размоска.

Меѓудругото, таа потенцира дека карактеристичен елемент во најновото литературно остварување на авторот, претставува живоста на ликовите изразена преку дијалозите.

Преку нивните зборови се доловува автентичноста на случувањата, а преку нивните карактери авторот ја сугерира истрајноста и желбата за опстанување.“  – потенцира Размоска.

Давајќи кус осврт на делото, авторот Наум Трајчески истакна дека сите случки во „Патеки на животот“ претставуваат различни животни приказни од секојдневието.

Овојпат творбите во книгата се поврзани со секојдневието на повозрасните генерации, а треба да бидат како патоказ за идните, на што точно треба да внимаваат.“ – рече Трајчески.

Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“ истакна дека со промоцијата на најновото книжевно остварување на авторот Наум Трајчески, започнува новиот есенско-зимски период на културни настани во градот.

Оваа промоција претставува гранична црта помеѓу завршетокот на летниот и почетокот на есенско-зимскиот период. Не очекуваат повеќе изложби, промоции и културни настани од јавен карактер. Претежно ќе бидат од сферата на литературата и фотографијата, односно од онаа за која што има просторни услови за работа.“ – рече Јузмески.

Издавач на книгата е НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, а за фотографиите и графичкото обликување се погрижија Лидија Размоска и Мишо Јузмески од КИЦ „Култура 365“.

Инаку, Наум Трајчески е роден во с. Издеглавје, охридско, во 1952 година. Од 1977 година живее во Австралија. Својата прва книга, стихозбирката „Дебарца по туѓина“, ја издава во 1992 година, а во 2012 година и втората со наслов „Секојдневие“. Третата книга „Грст мудрости“ ја има издадено во 2013 година.

O.T.