Во присуство на голем број гости и љубители на пишаниот збор, вчеравечер, во фоајето на кино Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа промоција на книгата поезија „Небо во кафез” од охриѓанката Долорес Атанасова-Лори.

Дел од промоцијата беше и Театарот на сенки „Сенки и облаци“, кој со својата магија на сенки и бои претстави дел од поезијата, за која гласовите ги позајмија Ѓоко Здравески, Биљана Стојановска, Верица Недеска и Долорес Атанасова-Лори, а музиката е на Горан Атанасов. Песни од книгата читаа: Снежана Стојчевска, Биљана Стојановска и Ана Голејшка Џикова.

„Небо во кафез“ е трета книга од Д.А. Лори. Во 2014 таа ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“, а во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа Антолог.

Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е овогодишен добитник на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми. Добитник е и на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија.

Нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон”, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Fixpoetry, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А.Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост”.

Поезијата од Д.А.Лори е преведена на германски, англиски, српски и шпански јазик.

OhridNews

фото: Виктор Поповски