По повод 8-ми септември, Денот на независноста на Македонија, вчера во галеријата при Центарот за култура „Григор Прличев“, беше промовиран романот “Шени Ен” од охриѓанецот Мирко Томовски.

По петте објавени книги публицистика и двете книги за деца, читателите имаат можност да се запознаат со најновото прозно дело на Томовски, кое според особеностите може слободно да се класифицира како новела, краток роман или белетристика.

Познавачите на неговото творештво како да се изненадени. Можеше да се очекува објава на книга со стихови за деца или ново публицистичко дело, на кои Мирко работи повеќе години. Но во овој случај како да се работи за наплив на силно вдахновение кое писателот не сакал да го таи и чува, туку да го подело со читателите. Списокот со изненадувања продолжува со приказната во делото.“ – истакна промоторот Тоде Илиевски.

„Шени Ен“ претставува современа приказна која се случува во денешно време, на просторот во Шангај, Кина, односно Лос Анџелес, САД. Во својот осврт кон најновото книжевно остварување на Томовски, промоторот Илиевски потенцира дека делото може да се адаптира за филмско сценарио.

За тоа е заслужен стилот на писателот кој е концизен, јасен и реалиситчен, а може да допре до најширок круг на читатели. Ова дело се придодава на оние кои ја потврдуваат мислата дека животот пушува романи, односно дека најинтересните приказни не треба да измислуваат или дотеруваат, туку да се позајмат од реалноста и колку што може пооверодостојно да се пренесе.“ – додаде Илиевски.

Промоторот Мерсиха Исмајлоска, приказната за „Шени Ен“ ја сместува во рамките на новелата, во која се раскажува за судбината на едно семејсто, географски оддалечено оттука.  

Новела која би функционирала како сценарио, следејќи ги принципите на филмската камера. Уште во првите неколку реченици ја покажува својата суштина да ги поврзе двата женски лика, Кетрин и Шени Ен, како две линии на раскажување кои се преплетуваат. Една необична судбина во која таткото, мајката и ќерката го живеат своето време толку блиску, а сепак далеку.“ – истакна Исмајлоска.

Авторот Мирко Томовски, говорејќи за своето најново остварување, нагласи дека „Шени Ен“ е создадено сосем спонтано, во еден „ѕдив“.

Од секогаш сум мислел дека покрај големите умови, кај уметници постои некоја невидилива врска со некој невидлив центар за нас. Инаку, како би можел да ја напишам оваа книга. Едно утро се пробудив и целата сторија ја имав во својата глава со сите личности и имиња кои не се вообичаени за нас, односно со сите нивни судбини. Ми преостана само да  ја запишам.“ – нагласи авторот Мирко Томовски.

Директорката на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, Драгана Боцевска, потенцира дека промоцијата на романот „Шени Ен“ е во рамките на големиот македонски празник, Денот на независноста на Република Македонија.

Мирко е познат на македонската и охридската јавност, а до сега има пишувано за деца, неколку историски книги, а долго време работи на прашањето за македонската нација и македонскиот идентитет. Сега имаме нов роман, кој е нешто сосема ново.“ – потенцира Боцевска.

Извадоци од книгата „Шени Ен“, пред бројните присутни прочита актерката Билјана Билаловиќ.

Инаку, издавач на книгата е Петко Шипинкароски од Здружението за литература, наука и култура „Бран 2010“ од Струга.

O.T.