Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, денеска ја промовираа кампањата „Вакцинирај се“ која има за цел да ја подигне јавната свест и да придонесе за помасовна вакцинација на населението, за да се  постигне колективен имунитет од 80 проценти имунизирано население, како заштита од „Делта“ сојот“.

Како што соопштија премиерот и министерот за здравство, една од целите е и спречување на ширење на  дезинформации и лажни митови за вакцините во јавноста.

Новиот ковид бран и делта сојот потврдуваат дека една од најсуштинските мерки за заштита од КОВИД-19 е масовна имунизација. Новите мерки даваат ефект. Во моментов аплицирани се преку 1 милион и 160 илјади дози вакцини, истакна Заев.

Се соочуваме со силен бран на вирусот во пресрет на учебната година истакна министерот Филипче. Тој посебно апелираше до младите да се вакцинираат. 

Свесен сум дека има различни ставови и пристапи кон вакцинацијата, но со сигурност твдам дека секоја мерка што ја носиме е за што побрза имунизација и разбивање на вирусот. Имаме пораст на вакцинацијата, но се уште сме далеку од потребниот опфат и излез од кризата. Би сакал на младите да им порачам, вакцинирајте се, заштите се себеси и своите најблиски, подвлече министерот, потсетувајќи и дека меѓу младите има тешки КОВИД случаи.

Според статистичките податоци од Министерството за здравство, 90 проценти од хоспитализираните лица се невакцинирани, а само 9 проценти се вакцинирани. Од воведувањето на новите мерки, деновиве 12000 граѓани во просек се пријавуваат за вакцина.  Како што истакна министерот за здравство, мерките и протоколите ќе останат на сила додека се стекне колективен имунитет на населението.

Во однос на дилемата која се развива во јавноста за имунитетот кој го имаат прележаните лица, Филипче вели дека антителата  кои ги создаваат пациентите по прележан Ковид ги штитат, но суштината е дека имунитетот од вакцина е подолготраен и поефикасен. Во моментов се уште не е изработена анализата за тоа колку од прележаните пациенти повторно се заразени со Ковид-19 и хоспитализирани.

Охрид е еден од регионите каде има поголема имунизација на населението, над 52%, заедно Гевгелија, Неготино и Кавадарци. Според статистиката, најголем број од новозаразените се од регионите каде има најмалку вакцинирано население, како што се Гостивар, Тетово и Куманово.

К.А.