Вчера во Македонската академија на науките и уметностите беше промовирана монографијата „Лазороските зографи – необјавени документи, икони и записи од тефтерите на лазороските зографи“ на авторот Петре Коловски.

Изданието го промовираа академиците Цветан Грозданов и Глигор Јовановски. Од аспект на историчар на уметност и поранешен министер за култура, академик Грозданов истакна дека е голем грев што досега јавноста многу малку знаела за овие зографи, а студентите по уметност речиси воопшто не учеле за мијачката зографска школа. Истакна дека овие зографи се особено плодни, бидејќи освен во Македонија, работеле и во Србија, Косово, Албанија, Грција и Бугарија.

Академик Глигор Јовановски, од аспект на хемичар, истакна дека врската меѓу хемијата и зографската дејност е особено тесна и цврста, бидејќи уметникот не може да биде добар доколку не знае да измеша квалитетни бои и да направи соодветна подготовка за сликање на ѕид која би го издржала забот на времето. Тој воедно, претстави и неколку од најзначајните фотографии и текстови од монографијата.

Авторот Петре Коловски, пак, истакна дека значењето на монографијата која ја подготвувал околу 15 години е во досега необјавуваните и особено стари и значајни документи кои таа ги собира на речиси 300 страници.

OhridNews