Монографијата 110 години ОУ„Св. Климент Охридски“, синоќа беше промовирана во просториите на училиштето. Ова е значајно дело кое сведочи за почетоците на образовниот процес во Охрид,

-Постојат многу монографии кои служат како отчет за работењето на стопански фирми или институции од разни сфери, но оваа извонредно добра монографија е единствен таков „отчет“ на едно училиште – кажа меѓу другото во својата промотивна реч, проф. Митре Велјаноски на синоќешното промовирање на монографијата.

Промоцијата што се одржа  во салата за приредби и свечености на училиштето,  го привлече вниманието на просветни дејци- наставници и учители, активни или веќе пензионирани, но и  некогашни ученици – сега успешни  во својата професија и угледни граѓани на заедницата. Во тој контекст Велјаноски истакна дека вредноста на ова дело е и во застапените искажувања на ученици од разни генерации. Тие служат и како сведоштво за почетоците во сопствениот образовно-воспитен процес  на генерации сограѓани кои денеска се познати и признати стручњаци и имиња во својата струка не само кај нас, туку и надвор од Македонија.


Зборувајќи за содржината на книгата  и нејзината вредност за историјата на градот, Велјаноски посочи  и на застапените содржини во неа, а од кои можеме да учиме и да научиме многу нешта. Можеме да научиме,  рече Веланоски- и за љубовта на тогашните генерации граѓани кон ова училиште, но и за нивната пожртвуваност и макотрпност во настојувањата да опстане и да работи училиштето. Доволна потврда за тоа се и сведоштвата во монографијата за личниот придонес на граѓаните  како, со физичка работа и со лични финансиски средства, ја граделе зградата на училиштето во која, во еден период од својата историја, работеше оваа институција.  

Промоцијата на монографијата за многумина присутни беше повод за будење на спомените и искажување на гордоста што биле ученици во некоја генерација на ОУ „Св. Климент Охридски“, а дел од нив и се обратија на свеченоста.Промоцијата  беше збогатена со настап на музички таленти-сегашни ученци од училиштето како и надежни литерати кои цитираа фрагменти од Монографијата.

Монографијата е во издание на „Летра дизајн“, а нејзиното излегување финансиски го помогна локалната самоуправа.

ohridnews