Во Струга беше промовирана монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим Струга“ од Коста Хиохи, во издание на „Алдебаран“.
Книгата е хронопис на клупската историја на веслачкиот клуб „Црн Дрим“ од Струга и ги дава сите значајни моменти од развојот на веслачкиот спорт во Македонија, од почетоците до сега. Посветена е на 90-годишнината од постоењето на клубот и на веслањето во Македонија.
Монографијата, според авторот, содржи детален преглед на сите генерации веслачи, кои ги одбележале деветте децении од постоењето на клубот „Црн Дрим“.
Ова е вредно монографско дело значајно за спортската историја на еден од најдолговечните спортски клубови во Македонија, но истовремено и хроника на Струга, на спортското живеење, на несекојдневната страст и љубов кон веслањето на генерациите веслачи, раскажани низ еден анегдотски пристап на самите нив од различни генерации, на сите прилики и неприлики, на сите подеми и падови на клубот, истакна Хиохи.
Според него, ги содржи сите нужни податоци поврзани со клубот и веслањето, низ еден енкциклопедиски пристап, систематизирани и прикажани на начин што ќе придонесат со нив да биде запознаена и пошироката публика. Содржи и преку 300 фотографии, кои и визуелно ја раскажуваат 90-годишната историја на клубот
На настанот свое обраќање имаа: д-р Здравко Голабоски (претседател ва веслачката федерација на Македонија), Викторија Постолоска (поранешен активен член на веслачкиот клуб и репрезентативка на Македонија), Никола Кукунеш (уредник на монографијата), Мите Стефоски и авторот на монографијата Коста Хиохи.
Претседателот на веслачката федерација, Здравко Голабоски изрази благодарност за трудот, со кој, според него, остануваат запишани достигнувањата на клубот, како и можноста за негова афирмација во иднина.
Уредникот на монографијата, Никола Кукунеш, забележа дека Хиохи со пишувањето на монографијата, ја постигнал целта, да го продолжи паметењето и да го зачува споменот за мноштво личности, преку кои се отсликувал напредокот, вредностите и културата на живеење, во временска рамка од речиси еден век и на тој начин да прераскаже сведоштва кои уште долго ќе патуваат низ времето.
Промоторот Мите Стефоски даде осврт на процес на создавањето на делото, кое опфаќа голем период.
Тоа претставува подвиг и предизвик, кој не е лесно да се оствари, имајќи ги предвид проблемите со пронаоѓање на севкупната архивска граѓа, често од личните архиви на самите веслачи, нејзината обработка и вклопување во едно вакво монографско дело. Монографијата ги надминува рамките на раскажување само за веслачкиот клуб, т.е. како текст може да биде интересен и за поширока читателска публика, рече Стефоски.
OhridNews