Промовирана монографијата „Одисеја 2022“ која во себе го содржи големиот успех на Марко Пејчиновски за препливувањето на Охридско Езеро, преку фотографии, официјалните сертификати и видувањата на сите оние кои беа дел од неговите подвизи.
Историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе, презентирајќи ја монографијата пред присутните гости на промоцијата потенцираше дека трепери срцето кога треба да се претстави едно дело во кое се пренесени натчовечките напори, а произлегуваат од Марко.
Кога го перцепирате ова дело, можете да го поделите на два дела. Едниот е она што навистина претставува спортски и натчовечки потфат кој го прави Марко во текот на неговото препливување на Охридското Езеро. Вториот акцент на оваа книга е доста значаен, а тоа е филозофијата на животот. Кога ќе ги читате меѓу редови напишаните убавите зборови од неговиот родител, ќе сфатите дека всушност Марко, препливувајќи го езерото, со секој завеслај, тој укажува на еден копнеж. Со секое вдишување на воздух, тој се надева дека и оваа препрека ќе ја направи надминлива, рече Митровиќ.
Таткото на Марко, Тони Пејчиновски вели дека првичната замисла била десетте сертификати кои на Марко, му ги додели Светската Асоцијација за Пливање на Отворени Води (WOWSA), ратификувајки ги сите препливувања како успешно реализирани според нивните прецизно поставени критериуми, да бидат дел, од еден единствен уникатен албум, кој би останал во кругот на семејството.
Со текот на времето, таа замисла се прошири, со идејата покрај сертификатите да бидат вметнати и фотографии кои ќе сведочат за секое од пливањата. Не помина долго време, се роди нова идеја, препливувањата да бидат опишани со изјавите на Марко и официјалните набљудувачи, преку нивните впечатоци за тоа како го доживеале секое од нив. Со една единствена цел, како што и самиот Марко вели: „Да оставам трага во времето“. Верувам дека оваа монографија ќе остави трага во пишаното наследство за Охрид и Охридското Езеро, вели Пејчиновски.
Марко Пејчиновски во обраќањето пред присутните се заблагодари на својот тим за поддршката и упати порака до сите кои ги следеа неговите подвизи.
Да се реализира еден ваков проект воопшто не е лесно. Потребни се огромна желба, посветеност и дисциплина, што кај мене беа присутни уште од првиот ден, бидејќи непоколебливо верував дека ќе успеам. Но, немаше да успеам без мојот тим. Оваа монографија е инспирација за сите, сите да веруваат во своите способности и да ги доживеат своите успеси, рече Марко.
Во предговорот во монографијата, пак, ќе напише дека пливањето за него е повеќе од спорт, нешто што го кренало на нозе, нешто што го спасило од депресија.
Пливањето ме натера да пораснам, да се соочам со моите мисли наместо да бегам од нив, ме натера да го гледам светот поинаку, запознав многу луѓе, пливањето ме научи на дисциплина, ми покажа колку треба да се жртвуваш за да успееш, ме научи на многу животни лекции кои не би ги научил никаде на друго место или толку рано. За мене, пливањето значи еден од најголемите благослови во мојот живот, потенцира Марко.
Н.С.Ј.