Деновиве во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје беше промовирана колор-монографијата „Пештерски цркви – охридско крајбрежје“, на познатиот охридски историчар на уметност Гоце Жура.

Во монографијата која е на македонски и англиски јазик, се поместени преку 150 автентични фотографии од фрескоживописот, односно „недопрените“ десет пештерски цркви кои се наоѓаат на брегот од Охридското Езеро.

Скриени длабоко во карпите, во дивите и непристапни предели околу бреговите на Охридското Езеро, веќе десет векови опстојуваат како места каде се раѓала и ширела идеата за христијанското учење и каде се создавала македонската црковна историја. Триесетина пештерни светилишта, црвки или само монашки живеалишта се споменици на богата македонска монашко-црковна традиција и живи сведоци од времето на светите Климент и Наум.“ – потенцира охридскиот историчар на уметност, Гоце Жура.

Како што објаснува Жура, овие сакрални објекти се единствени не само по однос на градбените решенија и местоположбата, туку и по начинот на украсување со фрескоживопис.

Овие македонски „Метеори“ дишат со една поинаква, повисока и по многу нешта единствена форма на изразување и практикување на некогашните религиозни потреби. Создавањето на овој специфичен вид светилишта е цврсто повразно со почетоците на монташтвото кај нас.“ –  објаснува Жура.

Тој додава дека во ниту една од пештерските цркви не постои запис за монасите кои живееле тука, ниту пак се знае за идентитетот на зографите.

Тоа биле аскети што ги довело на патот кон самоизолација и целосно откажување од земските благодети, кои преку непрекинатите молитви барале спас во Господа. Историјата за нив ќе запише дека се молчеливци, но нивното молчење било погласно од секој збор, од секој јазик. Тоа биле најмилозливите луѓе, чудотворци по вера, надеж и љубов, што околу себе ја ширеле, а кои себеси се сметале за најгрешни и должни да ги отплаќаат гревовите на сите. Тоа биле следбеници на Севишниот и учењето исихазам, распострането на овие простори во 13-тиот и 14-тиот век.“ – додава Жура.

Охридскиот историчар на уметност вели  дека за жал во денешницата, овие пештерски цркви и монашки живеалишта се целосно запустени и оставени на милоста на времето.

Само плискањето на езерските далги и шумот на ветерот, како и случајните намерници, го нарушуваат нивниот мир и осаменост, потсетувајќи не на еден некогашен древен и мистичен свет. Свет кој има неодминливо значење како извор на податоци на Македонците и македонското средновековие.“ – вели Жура.

Автори на фотографиите поместени во оваа монографија се Гордана Ангеличин Жура и архитектот Горан Патчев, а промотори на истата беа проф. д-р Димитар Чорнаков, доајен на македонската и балканската уметничка резба и проф. д-р Стефан Санџакоски, од Теолошкиот факултет во Скопје.

Инаку, Гоце Ангеличин Жура е роден во Охрид 1951 година. Тој е историчар на уметност кој основно и средно образование завршил во родниот град, а Филозофски факултет – отсек  Историја на уметност и археологија, прва генерација, во Скопје.

Од 1980-та година до денес работи во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид како историчар на уметноста и музејски советник.

Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот „Св. Климент Охридски” за 2007-ма година.

O.Трајчески