Во Лапидариумот во Охрид синоќа беше промовирано специјалното издание на книгата „Охрид-Токио, прва светска награда за хуманизам 2007“ посветена на јапонскиот писател и хуманист Даисаку Икеда.
Даисаку Икеда е прв добитник на светската награда за хуманизам што во иднина секоја година на Водици ќе се доделува во Охрид. По тој повод поткровјето на охридската гимназија ќе биде адаптирано во Куќа на хуманизмот каде ќе се одвиваат свеченостите.
Инаку церемонијата на доделување на наградата на Икеда се одвиваше пред илјадна публика на Универзитетот за создавање трајни вредности во Токио овој мај, при што на првиот добитник на светската награда за хуманизам му беше врачена резба со историски мотиви од Охрид изработена од уметникот Живко Пејоски.
авторот на наградата-уметникот Живко Пејоски
Идејата за доделување на Светска награда на хуманизмот во Охрид е на група интелектуалци предводена од Паско Кузман и Јордан Плевнеш. „Идејата се оствари на еден фасцинантен начин во Токио и претставува дипломатски чин кому што му нема рамен во новата историја на Македонија како и културен и интелектуален подвиг на афирмацијата на Охрид и Македонија во светот“, смета Јордан Плевнеш.
Дел од иницијаторите за востанување на Светската награда на хуманизмот
Со воведувањето на оваа награда се менува презентацијата на Охрид во светот, бидејќи благодарение на наградата беше објавена сторија за Охрид во јапонскиот дневен весник „Сеику Шумбун“ кој излегува во тираж од 7 милиони пимероци, додава Плевнеш.
Со доделувањето на првата награда за хуманизам на јапонскиот пиостаел и хуманист Даисаку Икеда поставени се високи стандарди, а според Плевнеш високиот критериум ќе продолжи и во годините што доаѓаат.
Г. Момироски