Голем број љубители на пишаниот збор беа дел од промоцијата на книгата „Во еден здив“ од охриѓанецот Климент Стојаноски, која се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Оваа книга која според промоторите е необична и по содржина и по форма е прво литературно дело на Стојаноски.

-Во книгата е напишан само еден дел, еден процент од она што го чувствувам во себе, но се надевам дека беше доволно за да ги пренесам моите аманети на моите деца и на сите наши деца. Оваа книга ја напишав затоа што сакав она што го чувствувам да го споделам со вас, рече Стојаноски пред присутните.

Тој објасни дека во книгата е опишан начинот на кој што тој гледа на работите и на животот.

-Во неа има многу совети за нашите ќерки и синови односно таа е еден своевиден прирачник кој што се надевам дека ќе им послужи кога ќе ја полагаат возачката дозвола односно животниот испит. Главната идеја на книгата е сите ние да се потрудиме да ги остваруваме своите соништа и да го живееме она што го сакаме, затоа што без тоа нашиот живот би немал смисла, истакна младиот автор.

Стојаноски изрази желба за понатамошна литературна работа и надеж дека во блиска иднина ќе промовира некоја нова книга.

Инаку Климент Стојаноски е дипломиран правник и работи како адвокат.

OhridNews