Во Клубот на пензионерите во Вевчани беше промовирана книгата „Вевчани, во срце те носам“ од отец Зоран Попоски, во рамките на програмата на „Вевчанско културно лето ВЕВКУЛ 2025“.

Промоторот на книгата Мишо Китаноски, ја истакна длабоката емотивна и книжевна вредност на поетските циклуси. Потенцирајќи дека од памти век Вевчанци биле печалбари насекаде низ светот, а нивните децата растеле без татковци и таткова љубов и внимание. Поезијата на отец Попоски нагласи, е исполнета со емоции, но и тага поради разделбата со сите нив.

Книгата е и крик со тревожни звуци и вознемиреност. Немир и трепет за сето она не само што катадневно ни се случува, туку треба да се знае и за век и веков памети, дека аманетот од нашите претци е дека секој треба да си ја сака и носи татковината, истакна Китаноски.

Според него, книгата го збогатува Вевчанскиот книжевен круг, кој брои над триесеттина автори. Претставена е како значајно дело кое обработува универзални теми како љубов, разделба, тага и копнеж, но и непоколеблива верба во опстојувањето на македонскиот дух и култура.

Авторот отец Зоран Попоски сподели лични размислувања и емоции за процесот на создавање на книгата, која ја посветува на родното Вевчани и на Македонија.

Тој, како што соопшти организацискиот одбор на „Вевчанско културно лето ВЕВКУЛ 2025“, зборувал за инспирацијата која ја нашол во локалните преданија, истакнувајќи ја важноста за зачувувањето на културното наследство за идните генерации.

OhridNews