Синоќа во големата сала при општина Охрид се оддржа свечена промоција на романот „Светиот завет“ од Томислав Тунтев. Книга која се обидува да даде одговор на многу непоставени и до сега неодговорени прашања, поврзани со охридското битисување низ вековите, како и уште многу други неверојатни и зачудувачки сознанија и податоци кои ретко можат да се најдат низ светските историски книги и преданија.

На промоцијата кратко обраќање имаа рецензентите на романот, Владо Жура, Милчо Јованоски, Стојан Савески и Горан Михајловски, а самиот настан се одвиваше низ пригодни аудио и видео перформанси со охридски мотиви.

Во преполната сала на општина Охрид, пензионираниот публицист и новинар, Владо Жура, книгата „Светиот завет“ ја протолкува како сведоштво за нескротлива енергија, почит на авторот кон сожителите, желба да се оствари завет на идните поколенија, односно испишани страници низ кои се чувствува духот на Свети Климент.

Светиот завет е книга која ме воодушеви уште при првото читање, стокмена онака во ракопис. Ме воодушеви заради тематиката, сеопфатноста и заради широкоста и длабочината на самиот автор. Да се фатиш во костец со културното наследство, од историското минато на нашиот град, претставува зафат, односно чин на јунаштво. Да проучиш стотици и илјадници страници, да ги одбереш најкарактеристичните настани и да ги преточиш преку една цела галерија непристрасно прикажани ликови – од великодостојници, па се до обични граѓани, прекрасно извајани и умешно доловени, со сите нивни внатрешни душевни превирања, немири и грижи.“ – истакна Жура.

Рецезентот и новинар Милчо Јованоски, потенцира дека ова дело на Тунтев нема да остави никого рамнодушен, односно ќе вроди желба кај љубителите на пишаниот збор веднаш да започнат со читање.

Романот е четиво кое не ве остава мирен додека не го голтнете од првиот до последниот ред. Ме погали како стрмец и ја разбуди мојата желба да ја откријам повторно историјата, за нашиот и вашиот Охрид. Тунтев толку вешто го прераскажува минатото на градот, небегајќи од фактите. Создал роман кој во себе соддржи не само хронолошки, туку и естетски стил. Галеријата од маркантни ликови, до сега знаени и незнаени за охриѓани, се обоени со писателска нарација, давајќи им дух на нашето време. Рака под рака, во романот се опишани маните и доблестите, небиднините и судбините, тагите и радостите, ветропирите и берокуќните, непромисливите и визионерите-охриѓаните кои се раѓале, живееле и умирале со помислата за нераскинливата енергија што ги воздигнала во нивниот Охрид.“ – истакна Јованоски.

Новинарот Стојан Ставески, појасни дека книгата изобилува со јасно скицирани животни патешествија, кои се плетат околу доминантната тема.

Ако се чувстувате како охриѓани, значи дека ова дело треба да ви стане задолжително четиво. Тунтев, доследно почитувајќи го духовното завештение на основачот на редот, не води низ древниот град, во временски распон од над илјада години. Притоа, запознавајќи не со низа маркантни фигури, кои секој на свој начин оставиле длабоки белези врз вечниот Охрид. Покрај нив, ќе сретнете и многу обични битија, мештанци и дојденци, чии судбини се испреплетиле. Во сите нив, поривот за Охрид останува.“ – појасни Савески.

Пред охриѓани се обрати и новинарот Горан Михајловски, кој истакна дека преку „Светиот завет“, авторот не ја крие љубовта кон родниот Охрид, создавајќи мит и убава приказна, која на моменти е сплет на една романенска историја.

Авторот е многу солиден, а низ соддржината на целиот томан се дадени толку прецизни факти кои не можат да се најдат во многу историски книги. Тоа е направено со мешање на мистиката и реалноста, направена со усул и непретенциозно. Оваа книга е лесна читање, бидејќи Тунтев употребува жив јазик, а дијалогот помеѓу ликовите е разговорен. Посебно ме фасцинираа описите на езерото и на сето тоа што се случува, на некои историски ситуации, кои се чувствуваат како баш сега да се случуваат.“ – истакна Михајловски.

Авторот Томислав Тунтев, потенцира дека книгата соддржи неверојатни сознанија, спакувани на едно место, информации и податоци кои сите охриѓани треба да ги знаат за својот град.

Се надевам дека книгата ќе има оддек меѓу охриѓани. Тие докажале дека знаат да бидат многу славни, способни, значајни не само историјата на нивниот град, туку генерално и за онаа на Македонија. Охриѓани покажале дека низ минатото успеале да се справат со многу сериозни ситуации, но најважно од се да го заштита и сочуваат својот Охрид од многу зла. Без разлика на сето тоа што не прави различни и не дели, постои нешто кое може да не сплоти. Порака во суштина значи дека треба да го пронајдеме тоа што ќе не држи заедно. Се надевам дека многу вистини ќе излезат на видело, а многу неодговорени прашања ќе бидат одговорени.“ – потенцира Тунтев.

Инаку, книгата „Светиот завет“ е печатена во „Летра дизајн“, а сите заинтересирани љубители на пишаниот збор имаа единствена можност да ја набават по промотивна цена од 250 денари – половина од нејзината редовна продажна цена по книжарите. Притоа, продажбата имаше хуманитарен карактер – дел од приходите беа наменети во хуманитарни цели за Црвениот крст Охрид.

О.Т.