„Со задоволство ја започнувам пошироката промоција на мојата најнова книга (учебник) токму од Охрид, затоа што тоа мој град“ – изјави професорот д-р Миле Д. Миќуновиќ пред денешната промоција на своето најново дело „Полово образование“ во Библиотеката „Григор Прличев“. Книга односно учебник, наменет за студентите на Педагошкиот факултет во Битола, не е само „гола“ фактографија туку и (според зборовите на еден од рецензентите проф. д-р Ристо Љапчев) „дело со една племенита цел, пишувано за нешто што е секојдневна потреба, задоволство, нешто што навлегува во фундаментот на живеењето“.


Од промоцијата

Самиот автор нагласува дека за пишување на оваа книга бил длабоко мотивиран од потребата да ги пренесе потребните знаења за „рушење на најстарото табу во историјата на човештвото, сексот…затоа што се потребни книги за овој значаен и најважен дел од животот“ – вели во поговорот од книгата д-р Миќуновиќ.

„Предметот полово образование, е во редовна настава при Педагошкиот факултет, со што сме веројатно единствена образовна институција на Балканот која го има во редовна настава овој предмет. Но, оваа книга не е пишувана само за студенти, туку и за сите млади кои се заинтересирани и им е потребна (секогаш е потребна) информација и наобразба од овој дел на живеењето. Да се знае за сексот, за неговата важност во животот, е лична слобода“ – додава Миќуновиќ.

Книгата „Полово обрзование“ има цел да едуцира, не само млади туку и наставниот кадар, бидејќи „квалитетно полово образование може да се постигне само со едуциран наставен кадар“.

Книгата има квалитетен повез, печатена е во „Ирис“, Струга, во 300 примероци.

С. Костоски