Убавините и значењето на нуркањето, но и опасностите кои ги крие овој спорт како и низа детали и искуства за начинот на лекувањето со хипербарична оксигенција и декомпресија се дел од книгата „Подводна и хипербарична медицина“ од д-р Горан Балевски која беше промовирана вечерва во Охрид.

Еден од рецензентите на ова стручно дело кое е издадено на македонски и англиски јазик е проф. д-р Здравко Тројачанец кој истакна дека ова е првата стручна медицинска литература објавена на македонски јазик, што обработува теми за подводна и хипербарична медицина.

-Книгата е мала по обем, но голема по пораките и полна со исцрпни податоци за нуркањето и хипербарното лекување. Книгата пред се е намената за оние кои од разни побуди се занимаваат со нуркање, рекреативно и професионално. Од друга страна за лекарите авторот многу успешно ги образложува предностите на лекувањето со хипербарична оксигенција и декомпресија, не само во случај на нуркачки несреќи, туку и во лекувањето на некои здравствени нарушувања. Книгата е лесна е за читање и за разбирање не само за медицинските лица туку и за лицата кои немаат медицински предзнаења, рече Тројачанец.

Втор рецензент на ова научно издание е искусниот меѓународен нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој рече дека го радува фактот што од ова дело ќе биде основна база на податоци за објавување други слични изданија во иднина.

-Имајќи предвид дека бројот на нуркачи во Македонија од година во година се зголемува, а аналогно на тоа се зголемува и бројот на професионални и рекреативни нуркања, овој прирачник несомнено претставува основа за безбедно нуркање. Моето долгогодишно искуство во нуркањето ми кажува дека ова е литература која треба да ја поседува секој нуркач, медицинските лица како и сите други кои сакаат да научат нешто ново, интересно и корисно, истакна Секулоски.

Свое обраќање пред присутните на промоцијата имаше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески кој е долгогодишен пријател на д-р Балевски.

-Во овие 35 години пријателство и другарување со Горан можам да констатирам и да ве уверам на сите вас во едно,  дека се што  постигнал во  неговиот  животот е плод на неговиот сопствен труд, плод на неговата јасно дефинирана љубов кон нештата, било да е тоа медицината, нуркањето или оние општествени вредности кои го красат еден човек, семејството, пријателите, другарите и сето она што го чини живеењето во овој град. Горан, неизмерно ти благодарам за сето она што му го подари на градот Охрид на моите пријатели, твоите другари, твоите колеги кои што претпоставувам дека се приближно толку горди колку што е вечерва гордо твоето семејство. Охрид ти е неизмерно благодарен за твоето дело, подвлече  во своето обраќање  градоначалникот Бакрачески.

Не криејќи ја својата возбуда и силните емоции, пред присутните се обрати и д-р Горан Балевски, кој истакна дека книгата е плод на голема љубов кон две работи, медицината и нуркањето.

-Голем поттик за пишување на оваа книга е тоа што во Македонија до сега немаше литература објавена на македонски јазик за хипербарична медицина. Јазикот на кој е пишувана книгата е специфичен и прилагоден за луѓето кои не се професионалци во медицината. Книгата е производ на годините поминати во овој спорт како и искуствата од работата со хиперабричната комора во Охрид, која беше првата од ваков вид во Македонија. Во книгата се исто така опфатени и првите сопствени искуства во работата со хипербарната комора односно лекувањето на првите пецинети-нуркачи кои беа третирани во неа, рече д-р Балевски.

Тој се заблагодари на сите оние кои го помогнале објавувањето на ова дело, на колегите од работа, на неговите колеги нуркачи, а посебно се заблагодари на членовите на неговото семејство за големата поддршка.

Е.М

Фото:Емилио