Книгата „Охрид Суб Специе Аетернитатис“, авторско дело на Елизабета Димитрова и Паско Кузман, синоќа беше промовирана на Плаошник.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека книгата претставува возбудливо и поетично патување низ историјата, културата, уметничките одстрели и креативните модели на Охрид, како водечки културен центар во Македонија и на Балканот.



Користејќи ги хронолошко-методолошкиот пристап и научната конзистентност во тематското вообличување на содржината на оваа монографија, авторите создаваат слика на Охрид, како културен центар од митските дамнини, се до поновите времиња на неговото континуирано цивилизациско егзистирање. На тој начин, тие ни презентираат една раскошна визија за значењето на охридскиот културно-историски и уметнички трезор низ времињата, рече Канческа-Милевска.



Говорејќи за формирањето на најстарите човечки заедници и нивните семејни огништа , доловувајќи го духот на нивните најстари култови и верувања , Паско Кузман не воведува во најдлабоките слоеви на културната стратиграфија од неолитските времиња, истакна министерката за култура. Во вториот дел од книгата, авторското перо на Елизабета Димитрова умешно се надоврзува на хронолошкото елаборирање на културниот и уметнички развој на Охрид во средновековната и поствизантиска епоха.



Како што беше потенцирано, во книгата се прави осврт и врз староградската архитектура, со која Паско Кузман го завршува ова возбудливо патување низ културните хоризонти на Охрид, доловувајќи ја сликата за формирање на ликот на модерниот град и неговата отмена граѓанска класа.

Книгата „Охрид Суб Специе Аетернитатис“, е издание на издавачките куќи „Данте“, „Мацедониа Прима“ и „Ѓурѓа“.

Т. К.