Во просториите на Центарот за култура “Григор Прличев“, денеска, љубителите на литературата имаа можност да присуствуваат на промоцијата на најновата книга “Љубовната одисеја на Александар Македонски и Бела Ица“ од авторите Ванѓелко Лозаноски и Гордана Димовска.

Оваа книга на своевиден начин го следи и овековечува патот на најголемиот војсководец, Александар Македонски. Овојпат си зазеде место и во исклучително возбудливата легенда, која што е продолжување и повторно оживување на историските ликови. Легенда за сите генерации, но посебно за младите кои треба да бидат носители на едно неисцрпно културно наследство, посочија промоторите на книгата.

 
-Пред себе си поставив неколку цели и благодарение на нашата соработка со Гордана Димовска, на еден убав начин легендата ја претворивме во уметничко дело. Тие што ќе ја прочитаат оваа книга, ќе откријат многу интересни работи за бурната младост на Александар Македонски.– рече авторот Ванѓелко Лозаноски.

-Љубовната одисеја на Александар Македонски и Бела Ица, ме потсетува на моето детство. Оваа книга, претставува легенда која што доаѓа од кичевска Белица, а самото име доаѓа од Бела Ица. Нејзината убавина претставува симбол на женственоста, а љубовта кон Александар била голема.– додаде Љубица Чифлигароска, промотор на оваа книга и наставник во О.У.“Кочо Рацин“.

Промоцијата заврши со поетско читање во манастирот Света Петка во Велгошти.

З.А.