Промовирана книгата „Лев Огненов“ – охридскиот преродбеник и учител од крајот на 19. и првата половина на 20. век, дело на авторите проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески.

Смилески осврнувајќи се кон делото ќе рече дека идејата да ја отпечатат оваа книга потекнува уште од пред десетина години, додавајќи дека заедно со проф. Митрески имаат собрано доста архивски материјали, а промоцијата на овој ден е паралела со Гоце Делчев кој се залагал за културен натпревар меѓу народите, а Огненов бил врвен интелектуалец кој се залагал за културна соработка.

Поводот е добро искористен денес да ја промовираме оваа книга. Се работи за навистина врвен интелектуалец во неговото време, Лев Огненов, кој ние се трудиме да го претставиме како општественик, човек којшто е вклучен во сите пори на животот на Охрид. Тој е првиот претседател на охридската организација на ВМРО во Охрид, одреден дел од својот живот посветил на образованието издигнувајќи се во врвен педагог. Во оваа монографија за прв пат е објавен говорот кој требало да го одржи по повод годишнината од ослободувањето на Охрид во 1946 година. Но, говорот не му бил објавен, бидејќи тогашните власти барале да го читаат говорот, а тој не дозволил, вели Смилески.

За Лев Огненов, додава Смилески, имаме уште многу материјали, финансиските средства ни дозволија да објавиме дел, но иако е мала е значајна книга, за значајна личност и треба во таа насока да се продолжи да се обработуваат големи личности кои во Охрид сè уште не се познати, а биле многу значајни за нивното време.

Проф. Митрески вели дека станува збор за монографија за еден голем учен човек од Охрид од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Лев Огненов.

Интересна личност која има завршено факултет во Цариград, знае многу јазици и оставил едно големо благородно семејство, а и учесник е во Илинденското востание, секретар на Охридската митрополија. Тоа значи не е случајна личност. За среќа Охрид во 19 и 20 век за разлика од други градови во светот и посебно на Балканот дал многу интелектуалци. За тоа јадро од интелектуалци, на жители од 7-8 илјади навистина е редок случај. Во таа смисла ние решивме и сме благодарни на Општина Охрид што ни обезбеди средства да ја испечатиме оваа книга, додава Митрески.

Промотор на делото беше поетот Славе Ѓорго Димоски кој истакна дека оваа монографија е проткаена и се карактеризира со неспокоен и објективен истражувачки дух.

За животниот портрет во книгата има бројни и подробни документарни показатели преку кои се осветлува и се реактуелизира оваа значајна за нашиот Охрид личност. Неговиот духовен портрет во книгата е претставен преку една хроника за Охрид, од неговото основање од страна на Кадмо се до укинувањето на Охридската архиепископија. Податоците се енциклопедиски подредени и обработени, конкретни во својата информативност, а поместен е и еден статистички преглед за бројната состојба на населението во Охридската епархија. Тоа што за мене, а мислам и за читателите е интересно е подготвениот, но никогаш неодржан говор од 1946 година, по повд две годишнината од ослободувањето на Охрид.

Авторите, додава Димоски, како толкувачи на охридското историско минато откриваат и посочуваат видни личности кои своите стапки ги оставиле во неизбришливите страници на историјата, а ние добиваме вредно дело за една исклучителна личност вградена во бурната историја на нашиот Охрид.

Н.С.Ј.