Во присуство на претставници на општина Охрид и Дебраско – кичевската епархија, писатели, други гости и колеги денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид во пресрет на 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски патрон на Охрид во Прличевата одаја беше промовирана книгата на м-р Мариче Боздоганова, „Црковните библиотеки во Охрид и охридско“. Соработници во издавањето на овој вреден материјал се м-р Елена Станкоска и Елизабета Бојчевска.

Со минута молк присутните изразија почит кон неодамна упокоениот митрополит на Дебарско – кичевската епархија и администратор Австралиско- сиднејски Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, за грижата и неговата непроценлива улога во заштитата на сакралното културно наследство на Охрид и регионот.

Македонската православна црква и сите ние Македонците со посебно внимание, но и со гордост го празнуваме споменот на својот патрон Свети Климент Охридски. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог, рече Христина Трпеска во воведното обраќање в.д директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и додаде: Во преданијата Свети Климент најчесто се среќава со Свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла – собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека Свети Климент и Свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што Свети Климент бил епископ, а Свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 9 август во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон.“ Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски на 8 декември.

Охрид особено делот на Ридот лежи на скриено и старо, непроценливо богатство од бројни цивилизации кои минувале и оставале траги во времето. Оттаму и легендите и претпоставките кои кружат и се прераскажуваат на дојденците дека стариот Лихнид, далеку подоцна Охрид е Ерусалим на Балканот и во него некогаш имало верувале или не 365 активни цркви – по една за секој ден од календарската година, рече промоторот м-р Милчо Јованоски.

М-р Мариче Боздоганова во својот труд преточен во книга, а работен од идеја до реализација најмалку две години, хронолошки оди од почетокот на зачуваните сознанија за темата, се движи низ вековите и застанува токму до овие дни.

Појавата и стапките на првата македонска библиотека може да се евидентираат во втората половина на 9 век, паралелно со ширењето на христијанството на Балканот. Глаголицата е првата словенска азбука создадена од светите браќа Кирил и Методиј Солунски. Светата проповед на словенските апостоли, молитвено вдахната и научно осветлена се огласила во 862 година. Нивната просветителска дејност ги отворила цариградските црковни двери за книжевна и литургиска продукција на словенски јазик кај сите народи и придонесла во обликување на средновековната македонска книжевност. Продолжувачи на делото на солунските Браќа се светите Климент и Наум Охридски кои во Охрид развиваат моќен образовен – културен центар познат како Охридски универзитет. Така, во Охрид Климент, со основањето на манастирот Свети Пантелејмон ја основал и првата библиотека, со што ја започнал и историјата на македонското библиотекарство. Со создавањето на Охридската книжевна школа 886 година, започнува период на културен процут во Македонија и на Балканот. Преку охридската книжевна школа Македонија станува значаен културен центар од кој се шири словенската писменост и култура низ целиот словенски свет. Со Св. Климентовата и со св. Наумовата библиотека започнала историјата на македонското библиотекарско дело и монашкиот живот во македонското православие, посочува во книгата авторката.

Во реткиот фонд на Библиотеката во Охрид има 812 книги од кои педесеттина се стручно заштитени и се чуваат во пред една година специјално отвореното депо за редок библиотечен материјал.

Со издавањето на оваа книга целта е да се даде слика на културното книжевно наследство од XVIII и XIX век во Охрид и околината. Анализирана е староста, писмото, темите и стил на кој се пишувани, како материјалот на кој се печатени – издадени книгите.

По претходно извршени истражувања со благослов од упокоениот Владика г. Тимотеј и преку НУ Завод и Музеј и обезбедената дозвола од Управата за културно наследство тимот уште од почетокот на оваа година започна со теренските истражувања. Опфатени се книги кои се сопственост на црквите Св. Богородица – Перивлепта, Св Богородица – Каменско, Св. Ѓорѓи во Горна Влашка маала, Св. Никола во Долна Влашка маала и црквата Успение на Пресвета Богородица во село Скребатно и во библиотеката на охридскиот Завод и Музеј, посочуваат од Библиотеката.

Книгата содржи 63 фотографии на кои објективно се фрла зрак светлина врз непроценливото книжевно наследство, но се гледа и запуштеноста и потребата она што малку ни останало да го заштитиме и зачуваме.

OhridNews