Во катедралната црква „Св. Софија“ синоќа свечено беше  промовирана  книгата „ 40 години автокефалност на Македонската Православна Црква“ во издание на издавачките куќи „Маседониа прима“ и „Летра.

Во оваа книга на македонски и англиски јазик се поместени обраќањето на архиепископот Стефан и беседата на амбасадорот на УНЕСКО, Јордан Плевнеш, по повод одбележувањето на 40-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, што се случи минатиот месец во храмот на македонските архиепископи Св. Софија.


промовирана книгата „40 години автокефалност на МПЦ“

„Книгата на Паско Кузман и  Зоран Летрра ќе патува насекаде низ светот раскажувајќи ја нашата приказна и пренесувајќи ја љубовта која според легендата за секој ден зрачи од 365-те светилишта на ова езеро и нашата Библиска земја“, истакна на промоцијата градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

На промоцијата присуствуваа Архиепископот на МПЦ г.г. Стефан,  амбасадорот Јордан Плевнеш чии зборови се поместени во книгата, како  и бројни гости од јавниот живот. Промоцијата всушност беше увертрира за концертот на камерниот хор „Росика“ од Русија кој настапи во рамки на фестивалот Охридско лето.


хорот „Росика“

Со промоцијата на книгата „ 40 години автокефалност на Македонската Православна Црква“ започнаа  чествувањата по повод денот на патронот на градот Св.Климент Охридски. Празникот ќе биде одбележан со повеќе пригодни свечености за да се потсети на хуманистичкото и творечкото значење на делото на Св. Климент.

Денеска  во Свети Климентовата црква на Плаошник, делегација на локалната самоуправа ќе запали  свеќи, а пред споменикот на Свети Климент на градскиот плоштад ќе се одржи пригодна свеченост. Вечерта во Лапидариумот со пчеток во 20 часот ќе биде промовирано специјалното издание на книгата „Охрид-Токио, прва светска награда за хуманизам 2007“ посветена на јапонскиот писател и хуманист  Даисаку Икеда.

Во рамките на денот на Свети Климент, во петок, 10 август, во 20 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на слики на францускиот фотограф и вљубенк во Охрид Ги Фулон. 

Г. Момироски