Во исполнетата голема сала на општина Охрид, вчера, беше промовирана биографската книга “Трите Универзитети на проф. д-р Павле Митрески“, од авторката Кристина Алексиеска.

Оаваа книга има исклучително – историско значење затоа што е прво дело во кое се обработува жив автор во охридскиот регион и за тоа на авторката и честитам, рече промоторот, професор Славе Ѓорго Димоски. “Суштинското обележје на овој труд е, во голема мерка, авторот да го расветли животниот пат на проф. д-р Павле Митрески, познат македонски историчар и истражувач кој со својот огромен истажувачки труд осветли бројни страници од македонската историја…“ – додаде тој.

– Јадрото на книгата го сочинува животната приказна на проф. д-р Павле Митрески, која авторот Алексиеска ќе ја подели на три крупни поглавја во кои стои именката универзитет: Прв, Втор и Трет универзитет. Низ овие три поглавја праволиниски ја прикажува животната приказна на Павле, која пред нас читателите, се одмотува како на филмска лента. Впечаток е дека пред нас е едно ретко комплетно биографско дело кое, всушност, претставува и прво посериозно претставување ан биографијата на еден сериозен и високо квалификуван историчар во македонската историска научна мисла, а преку него и сите досегашни објавени (а и не објавени) научни трудови ќе добијат и актуелна реафирмација, а на авторката Кристина Алексиеска, која е на добар пат, и посакуваме се подлабоки заграби на творечко-истражувачки план. Ова дело ќе остане пример како да се напише биографијата на еден интелектуалец – истакна во своето обраќање Славе Ѓорго Димоски.

Новинарот Јован Трпески, исто така промотор на книгата, откри дека младата авторка Кристина Алексиеска, уште како матурант прифатила да обработи дел од истражувањата на професорот Митрески, преточени во наградуваниот документарен филм на ПРОФЕСТ 2013 година. Трите универзитетие, всушност се делови од животот на Павле Митрески, првиот го опфаќа тешкиот живот и детството во виорот на Втората светска војна, вториот го следи неговот животен пат во младоста и стекнувањето на високо образование во Нови Сад, а третиот неговиот богат творечки опус.

-За да го проследи животот и делото на еден истражувач, денес безмалку еден век стар, авторката морала да води сметка за животните премини на Митрески, особено во моментите на големите промени на политичкиот и еконоскиот систем кој секогаш предизвикувал трауми во општествениот живот. – истакна Трпески.

Авторката Алексиеска, искажа благодарност до професорот Митрески за укажаната можност да работи биографско дело за него.

-Ви благодарам за довербата и ви посакувам уште многу дела и понатаму да творите, за да има ние за што да пишуваме. – рече Алексиеска.

Проф. д-р Павле Митрески кој штотуку наврши 86 години, во емотивното обраќање пред присутните, не ја криеше возбудата од објавувањето на биографската книга за него.

-Иако е мала оваа книга, таа ги открива деталите од мојот макотрпен живот, нарочито во почетокот. Книгата умешно, совесно и истражувачки успеа да ги долови моите животни приказни и творење. – истакна професор д-р Павле Митрески.

Пред присутните се обрати и градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека животниот и творечки пат на професорот Митрески е показател дека со истрајна и посветена работа, се доаѓа до исклучителни резултати и посака и други млади истражувачи да го следат неговиот пример.

OhridNews