На официјална пресконференција промовирана беше асоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“ во Охрид. Во новата асоцијација на спортови учествуваат спортските клубови Алпинистички клуб Патагонија, здружението за спорт на вода Акватика, велосипедскиот клуб Екодром и кошаркарската школа Старс и Сојузот на училишен спорт и спортски работници.
– Во името на асоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“ ми преставува чест и задоволство пред вас медиумите и граѓаните на Охрид да промовираме еден нов правен субјект. Јас и целата екипа заедно сме убедини дека новиот спортски субјект ќе го збогати и унапреди спортот во Охрид. Нашиот град ќе го доближиме чекор поблиску до спортот кој сакаме да изобилува и да биде примарен за жителите на Охрид. Не сакаме само да го развиеме и унапредиме спортот туку и животот во нашиот град. Луѓето да бидат среќни и весели што живеат во Охрид. – рече претседателот на асоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“, Иван Цветкоски.
Aсоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“ има многу да понуди, а идејата е во секој месец од годината да има по еден голем спортски настан. – Со нетрпение го чекав овој момент за промоција на асоцијацијата бидејќи екипата која што ја гледате има многу искуство во организирање на спортски манифестаци и има уште многу да понуди. Утврдивме годишна програма по која ќе работиме. Ќе организираме разно разни спортски манифестации кои сигурно ќе привлечат многу внимание не само кај охриѓани туку и од останатите градови. Ќе има фамилијарен спортски ден, спортски пикник, планинарски тури, спортски кардио ден и уште многу спортски активности во текот на годината. – потенцираше Цветкоски.
Целите на новиот спортски субјект во Охрид се подигување на свеста за практикување на спорт и здрави животни навики, развој и промовирање на спортот на територија на Општина Охрид и Република Македонија, промоција на градот Охрид како голем спортски центар со особен потенцијал за организирање на големи спортски настани, развој на меѓуградската и меѓународна спортска соработка и развој на спортски активности на децата и младите.
– Убеден сум во успех на овој проект. Градањето на тимот за овој проект траеше повеќе месеци затоа сум убеден дека ќе успееме. Спортот ќе не обедини сите, а се надевам дека со нашата асоцијација ние ќе бидеме поттик за пресвртница. – потенцираше Цветкоски.
Прв официјален настан кој асоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“ ќе го организира ќе биде Интернационалниот ден на спортот кој е на 6 април.
– Вратите за секој што сака да соработува нас се отворени. Сите членови во асоцијацијата се докажани во својот спорт и затоа сме подготвени за предизвикот кој го прифаќаме со две раце. – надополни Гоце Тасески.
Асоцијацијата на спортови „Спорт за Сите – Сите за Спорт“ има и уште еден дефиниран настан, а тоа спортскиот летен камп кој ќе се одржи од 7 до 13 јули во хотелот Десарет.
Михаил Постоловски