Викендов во просториите на КИЦ „Култура 365“ беше промовираното најновото литературно остварување од охридскиот автор Мишо Јузмески, насловено како „Сто години копнеж“. Книгата е збирка раскази во кои се вткаени приказни од секојдневието, кои на повеќе начини можат да прикажат различни емотивни состојби.
Уредникот на книгата, м-р Лидија Размоска, потенцира дека авторот во своето дело на својствен начин го опишал копнежот и човековата желба, а преку лесниот стил на читање Јузмески низ раказите го покажува патот на она што се нарекува копнеж.
„Карактертистично за сите раскази во оваа книга е тоа што авторот го воведува читателот во дејствија преку автентичен приказ, широк опис на местоположбата, на приликите, на личностите, а пркеу тоа тој несомнено му препушта на читателите да создадат слика и предвид за настаните што следат понатака во расказот. Интересното фабулирање го доведува читателот во состојба на надеж, исчекување, интересен расплет. Овие раскази можат да ве заведат и на повеќе начини да ви прикажат љубов, болка, тага, осаменост, но и копнеж, силна желба да се променат негативните чувства. Авторот не се откажува од темите на секојдневната реалност, од својот раскажувачки стил, кој на моменти ќе ве натера да се запрашате дали сте прочитале вистинска приказна или не.“ – потенцира Размоска.
Во книгата се опфатени сите моменти од човековото живеење, а расказите се напишани спонтано во различни временски периоди. Осврнувајќи се на делото, авторот Мишо Јузмески истакна дека копнежот во суштина претставува едно бескрајно талкање и патување низ животот, почнувајќи од самото раѓање на човекот.
„Расказите се подологи, не се од тие кратки кои содржат 1000 зборови како што е прифатено по некои меѓународни норми. Но заедничко за сите нив е копнежот. Во книгата се опфатени сите моменти од човековото живеење, љубовта, па и смртта. Целта не е да напишам опис на животот, бидејќи сите тие раскази се настанати во различни периоди, спонтано. Самото копнеење на секој еден човек, претставува едно бескрајно талкање.“ – истакна Јузмески.
Промотор на книгата беше охридскиот публицист, автор, поет и писател, Тоде Илиевски, а на промоцијата присустуваа љубители на пишаниот збор, од Охрид, Струга, Ресен и Поградец.
O.T.