Во месноста Канео денеска беше промовиран тренинг локалитетот за алпинизам. Тука вежбовни активности ќе обавуваат новоформираниот алпинистички клуб „АПЕКС“, и тимот за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид, кои го уредија просторот.



Во рамки на промоцијата на тренинг локалитетот, љубопитните граѓани во текот на денешниот ден ќе имаат можност со асистенција на искусни алпинисти од Охрид и Македонија да искусат качување на природна карпа.  Инаку на карпата ќе има 7-10 спортско-качувачки насоки и ќе се вежбаат техники на спасување.



По повод пуштањето во употреба на  тренинг локалитетот кај Канео вечерва ќе се одржи мала свеченост, по што  во дворот на „Лапидариумот” ќе биде отворена изложба на фотографии од Алпи „АЛПИ 2008” од авторот Александар Дончев, професионален фотограф и алпинист од Струмица. На истата локација ќе се одржи и јавна трибина со наслов „МАКЕДОНСКИОТ АЛПИНИЗАМ 2009” на која присутните ќе можат да дознаат повеќе за алпинизмот од членови на раководството на Македонската Алпинистичка Асоцијација и видни алпинисти.

Ohridnews