„Новиот ден“, е насловот на новата книга на охридскиот писател Смиле Наумоски- Брсјак што беше промовирана денес во просториите на библиотеката „Григор Прличев“.
Станува збор за првиот роман на Наумоски наменет за деца и млади, но како што вели авторот, треба да ја прочитаат и возрасните.
– Овој роман се создаваше целиот мој живот, а го промовирам токму денес на Денот на планетата земја со цел да ја засилам мојата порака кон цивилизацијата, дека треба да се сочува нашава планета, да се сочува човечката цивилизација, се што е создадено да биде во целина и така да функционира, бидејќи постоењето на се што постои не е случајно. Се промовира синтетичкиот поглед кон животот, наспроти аналитичкиот. Ништо без ништо, не може да постои. Затоа сакам да ја промовирам љубовта како спас за планетата и цивилизацијата. Човекот повеќе обрнува внимание на материјалното, а се помалку на духовното, вели Наумоски.
На денешната промоција, за книгата зборуваа Бранко Цветкоски, д-р Мерсиха Исмајлоска и Стојан Тарапуза.
Писателот Смиле Наумоски до сега ги има издадено книгите поезија: Елементи, Ковачница, Ѕунка, Забранета книга, Девојката со флејта (раскази), Небесна свадба (избор поезија).
OhridNews