Во Н.У. библиотека “Григор Прличев“, денеска беше промовирана книгата “Големата измама“ од Петре Наковски. Промотори на романот беа  писателите Трајан Петровски и Бранко Цветковски, а фрагменти од  делото читаше Лилјана Мартинова.

“Големата измама“  го опфаќа времето од 15 септември 1948 година до 15 август 1949 година, еден од најтрагичните периоди кога после големите битки за Грамос изгина  македонската младина,  за што сведочи големата гробница во Мала Преспа, вели авторот Наковски.

Ова дело е книжевно продолжение, втор дел од трилогијата посветена на трагедијата на Македонците од Егејот во текот на Граѓанската војна во Грција. Првиот дел наречен „Големата удолнина“ е издаден во 2004. Третиот дел е во фаза на творење со наслов „Третата смрт“.

“Големата измама“ е предупредување кон сегашните и идните генерации за тоа кога ќе тргнат некаде и за некаде да размислат зошто, како и со кого ќе тргнат“, рече Наковски.

Големата измама“ предупредува и поучува тоа што се случило да се памти, но да не се повтори, вели Наковски според кого Македонците, денес во 21 век,  ги демнат нови закани.

На Македонците денес им се заканува глобализацијата и затоа ни останува паметејќи го минатото да останеме будни и да не си го заборавиме ниту коренот, ниту името, рече Наковски.

Книгата “Големата измама“, на Петре Наковски еден месец по објавувањето веќе предизвикува голем интерес, како меѓу читателите така и меѓу рецензентите.

Петре Наковски е македонски романсиер и преведувач, роден 1937 година во с. Крчишта, Костурско, Егејска Македонија. Жив сведок е на ужасите кои се направени врз Македонците од Егејот, па затоа со посебна емоција и пишува на таа тема. Пораснал и се школувал во Полска каде и докторирал. Прв амбасадор на Република Македонија во Република Полска. Од полски на македонски има преведено и објавено 40 литературни дела. Во Полска е одликуван со Златен медал за заслуги за полската култура.

Г.М.
С.К.