Деновиве, во основното училиште “Ванчо Николески” во Лескоец, кај Охрид, за првпат во Македонија, во рамките на активностите на една основна синдикална организација на СОНК, излезе од печат специјално издание на т.н. ЕДУКАТИВНО-ИНФОРМАТИВЕН НОТЕС. Изданието е по идеја на новонаименуваниот претседател на ОО СОНК од училиштето во Лескоец, професорот Димче Донески, кој, подарувајќи им по еден примерок на секој од членовите на СОНК, во својата свечена обврска изјави дека минималните синдикални  парични задршки  нема веќе да се трошат на вообичаени синдикални ручеци и вечери, туку ќе се користат за едукација, за синдикални патувања , гостувања и  средби со други синдикалци од земјата и странство, со цел да се стекнат поголеми искуства  во борбата за подобрување на статусот на просветниот работник и зачувување на достоинството на наставничката професија.

Едукативно-информативниот нотес во себе содржи одбрани страници и членови од Законот за работни односи, од Законот за основно образование, како и од Колективниот договор, кој претставува еден вид “Устав” во преговорите  на просветарите (СОНК) со Владата. Издвоени се и нагласени работните обврски, но и правата на вработените во училиштата. Посебно место во овој, за првпат ваков синдикален подарок,  заземаат страниците со принципите на eтичкиот кодекс: ПОЧИТУВАЊЕ, ДЕМОКРАТИЧНОСТ, ПРАВЕДНОСТ, ЧЕСНОСТ, ИНТЕГРИТЕТ И ХРАБРОСТ, вредности кои треба да се применуваат во образовните установи и тоа подеднакво од сите чинители на воспитно-образовниот процес, вели професорот Донески.


Содржината на нотесот е надополнета и со куса белешка за СОНК, со имињата  и телефонските броеви на педесетината членови на ОО СОНК при училиштето во Лескоец, како и со сто поважни телефонски броеви. Една страница во овој синдикален прирачник е наменета и за темата Мобинг и дискриминација на работното место, односно за превенција од овие недемократски “болести”, појаснува Донески.

Во рамките на промоцијата на синдикалниот нотес беше одржана и презентација на темата  за мобинг и дискриминација.

Ohridnews