Култната тераса „Аквариус“ во месноста Јно, во центарот на Охрид, самоиницијативно ќе ја отстрани платформата од Охридското Езеро. Ова денеска на прес конференција по повод изложбата посветена на 30-годинишнината од ликовното творештво на еминентниот уметник Драган Спасески Охридски, што се одржа во „Аквариус“, го откри лично градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Сакам да се заблагодарам на тераса „Аквариус“ за искажаната еколошка свест и општествена одговорност. На повикот за заштита на градот први испратија писмо до локалната самоуправа дека први ќе ја отстранат платфортмата од Охридското Езеро, а после ќе видиме како овој простор соодветно и плански ќе го уредуваме. Од тука упатувам апел до сите да почнеме да го креираме новиот Охрид со една позитивна намера, а не со репресивни мерки на што не сакаме да бидеме принудени. – изјави градоначалникот Георгиески.
На средбата со медиумите уметникот Драган Охридски и градоначалникот Георгиески го промовираа новиот концепт за поубав Охрид, кој ќе биде осмислен и реализиран во склад со еколошките стандарди.
„Аквариус“ ќе постане центар каде ќе започне ревитализирањето на Охрид, односно на негово реконструирање. Ова место ќе биде дел од еден нов почеток на Охрид, зелен Охрид, еколошки Охрид, град со едрилици и безмоторни возила, со плажи достапни за сите граѓани и посетители кои ќе можат да чекорат низ стариот дел на градот. – истакна уметникот д-р Драган Спасески Охридски.
Градоначалникот Георгиески, вчера оствари средба со сопствениците на угостителски објекти во стариот дел на Охрид на која се разговарало за платформите во Езерото, кои се дел од забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО. Биле разгледани решенија согласно урбанистичките планови кои би можеле да се инкорпорираат во иднина.
За да започне нешто ново старото мора да престане. Ако го менуваме ликот на градот мора да го остраниме тоа што не чини. Инспекциските служби ги посетија објектите во овој дел од градот и во иднина ќе видиме како се ќе се инкорпорираат тие во Планот за управување со Охридскиот регион и урбанистичките планови, со оглед на тоа дека во овој дел од градот е предвидена и изградба на пешачка патека која ќе се протега до населбните Канео и Воска. – рече градоначалникот Георгиески.
Платформите во езерото се само една алка од целиот процес, тука се и плажите и други сегменти кои треба да се решаваат во идниот период, истакна Георгиески.
Г.М.