Во Н.У. библиотека “Григор Прличев“ денеска на пладне беше промовирана
најновата книга, шестиот по ред роман на Благоја Силјаноски, насловен
како “Стуткани сништа“.
Авторот со оваа најнова проза се потврдува со својата творечка опсесија
за човечките судбини и настаните што го опкружуваат, од поблиското и
подалечното минато на роднокрајот и пошироко.
Ова е 6-ти роман на Силјаноски, со извонредна модерна и книжевна структура. Темите и мотивите се поврзани за егзистенцијалните прашања на двајца луѓе, но времето и местото, Охрид и Охридското Езеро, се магија која го прават Силаноски еден од значајните летописци на традицијата и континуитетот на овој град, рече на промоцијата, д-р Васил Тоциноски:
“Силјаноски не е регистратор на времињата настаните и луѓето, тој понира длабоко во мислата во психологијата на своите јунаци и оттаму ги извлекува елементарните егзистенцијални назнаки на современото живеење, она што и денеска не терети штрајкови, безработица, заминувањето од земјата, се` она што значи да се обезбеди денот од денес за утре, тоа ќе рече дека станува збор за стуткани сништа, за една убава фотографија во која ќе ја побарата смислата и мислата за опстојувањето, дело на кое ќе сакате да се навратите и да го препрочитате“, рече Тоциноски.
„Ова мое последно дело е плод на долгогодишна работа, опфаќа период од 40 години со многи препозналиви нешта за градот и за луѓето што живеат во него“ ни изјави авторот на делото, Благоја Силјаноски.
„Чест и задоволство ми е што живеам и творам во едно вакво поднебје и што сум дрско горд како сите охриѓани во однос на многу други во Македонија и што го користиме она што ни е предодредено да создаваме, кој во која сфера, јас, во книжевноста.“ рече Силјаноски.
Благоја Силјаноски е од новинарската фела, работниот век го започнал
во Радио Охрид во 1970 година, а од 1975 преминува во РТС Скопје (денес
МРТВ) каде е директор на регионалниот дописен центар – Охрид. Од 1990 до 1996 беше прв претседател на Собранието на општина Охрид. Магистар е по економски маркетинг.
Промоцијата на делото се совпадна и со прославата на 55 години постоење на „Современост“ – списанието за култура, литература и уметност од Скопје, списание кое беше организатор на денешната промоција.
Г.М.
С.К.