Со пригодна свеченост синоќа беше презентирана праисториската наколна населба во Заливот на коските и Римскиот кастел на ридот „Градиште“.


На промоцијата на музејскиот комплекс се обрати министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска, која истакна дека не станува збор само за праисториска наколна населба, туку за импозантен музејски комплекс. – Со овој чин се заокружува целиот проект. Досега имале можност да го видат над 40.000 странски посетители и остварениот приход од влезници е над два и пол милиони денари. Со тоа се покажа и економската издржливост и оправданост на проектот кој врши промоција и на Охрид и на Македонија, рече Канческа- Милеска.


Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман истакна дека на реализацијата на проектот се работело осум години, период во кој се опфатени и извршените подводни истражувања. – За многу луѓе изгледа смешна реализацијата и изградбата на овој музејски комплекс, но тоа се луѓе кои не се доволно едуцирани за да го разберат значењето на ваквите проекти, рече Кузман.


Наколната населба  е реконструирана автентично на остатоците од праисториската населба во подводниот археолошки локалитет „Миќов град“. На платформата која се издига во Заливот на коските  изградени се 24 неолитски куќички во кои се изложени предмети пронајдени за време на осум годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет. Наколната населба со патека е поврзана со Римската тврдина која  се издига во месноста Кула кај Градиште.


За изградба на комплексот потрошени се околу 3,5 милиони евра.

OhridNews
фото: Емилио