Приказната за создавањето на култната песна „Охрид, Охрид, убав мил“, која се смета за неофицијална химна на Охрид, се раскажува во документарниот филм Раскажи песно на режисерот Илија Пиперкоски, кој вечерва премиерно беше прикажан во големата сала на Општина Охрид, во рамки на чествувањата на празникот Св. Климент Охридски – заштитникот на Охрид.
Замислата е преку серијал документарни филмови да се визуелизираат познати охридски песни кои се темелат на вистински настани кои одбележале едно време, истакна режисерот Пиперкоски.
Мојата работа како режисер е да оставам културно наследство, да правам една симбиоза од времето, просторот и музиката како еден мост кој во исто време инспирира, за денес да имаме една слика како некогаш се живеело, рече Пиперкоски.
Тој изрази благодарност до соработниците со чија помош е реализиран документарниот филм, посочувајќи дека некои песни ни се во кодот наш.
Со тие песни славиме, живееме, нашите интимни веселби со тие песни ни почнуваат, додаде Пиперкоски.
Во филмот кој е поддржан од Општина Охрид, се поместени архивски снимки и изјави на авторот на песната „Охрид, Охрид, убав мил“, Сотир Ѕингал, кој заедно со ансамблот „Билјана“ ја снима песната на албум. Оттогаш наваму неа ја испеале многу пејачи, но никој како охриѓани.
Песната „Охрид, Охрид, убав мил“, е инспирирана од вистинска случка која датира од периодот помеѓу 1930 и 1940 година, истакна во документарецот новинарот и публицист Милчо Јованоски.
Соговорници во филмот уште се и Никола Георгиески (Ансамбл Билјана), Јован Поп Стефанија, Јовица Карајлиески и Александра Кузман. Камерата е на Данчо Стефков, а аудио/видео соработници Реџеп Селман и Даниела Спасиќ.
Промоцијата на документарецот Раскажи песно: „Охрид, Охрид, убав мил“ заврши со изведба во живо на преубавата охридска песна на групата „Чардак“.
Во знак на благодарност градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на режисерот Пиперкоски му врачи икона од Св. Климент.
Г.М.