Стрип албумот „Мрак Хумор Тишина“ кој е заеднички проект на охридскиот сценарист Јордан Коцевски и уметникот Дарко Богданов од Виница, ќе биде промовиран утревечер во Охрид. Промоцијата ќе се одржи во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот.
Станува збор за своевидна антологија во која на 68 страници се вклучени кратките стрипови, кои авторите ги создавале во рамки на својата петгодишна соработка. Како што кажува и самиот наслов на албумот, стриповите може да се поделат во три тематски циклуси.
Покрај носителите на проектот, свој удел во ова дело имаат и цртачите Андреј Манев, Весна Ничевска Саравинова и Игор Јовчевски, колористот Стефан Коцевски и сценаристот Александар Стеванов.
На промоцијата ќе бидат изложени и дел од оригиналните стрип табли од албумот, како и дополнителни илустрации.
OhridNews