Вечерва, со почеток во 19 часот, во ланч барот „НОА“, ќе се изврши промоција на стихозбирката „Сјај и Страв и Песни“ од Даница Ивановска Лепојевиќ. Промотори на збирката ќе бидат поетесите Елена Пренџова и Искра Донева, додека стиховите ќе ги говорат актерката Маја Трајковска и самата авторка. Атмосферата ќе биде дополнета со звуците на гитарата на Сашко Костов.
„Оваа стихозбирка се издвојува по романтичарскиот дух, кој ја прави малку поинаква од останатите, но истата се истакнува со драматичност во зборот и лапидарност во изразот, што допринесува за едноставно доживување на истата.“- вели писателката Катерина Момева. „Поетскиот ракопис на Даница Ивановска Лепојевиќ изобилува со лирски, драматични, но и конотативни поетски метафори. Емотивно, сликовито и конкретно, со модерен општествен дискурс. Образувајки јасни слики, импресивно е доловен субјективниот свет на поетот. Стихозбирката изобилува со топли емоции, едноставно пласирани, но исто така вешто нивелирани“.
Поетесата Искра Донева кажува дека „Даница Ивановска Лепојевиќ го прави пишувањето толку природно и стихијно, та сега емоциите се прелеваат и излеваат неконтролирано без оглед дали ќе има жртви. Нејзиниот емотивен потенцијал и искуство, можеби се застрашувачки, но во истовреме се и толку благородни, оти се длабоко човечки и исконски, доживеани и преживеани ко ураган. Оттука таа покажува огромна храброст во сиот свој сјај и страв на својата женскост да изгради мост од стихови преку разбранувани диви страсти и емоции, контрасти кои клокотат како жив вулкан.“
Стихозбирката ја понесе наградата „Антологија на болката“ за најдобра збирка љубовна поезија на овогодинешните Рацинови средби.
OhridNews