Утре во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга Со почеток од 20 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Резервен живот“ од писателката Лидија Димковска.
Во романот се зборува за животот на главниот лик Злата Серафимовска во период од 40 години, и тоа, оо нејзиното раѓање до навлегувањето во помирни животни води.
Покрај приказот на животот на Злата, во позадината на дејството се наведуваат главните општествени настани, започнувајќи од 1970-тите до сегашноста, како потсетник на бурните времиња низ коишто поминала Македонија.
Исто така, во романот се прикажува и дел од начинот на живеење во Лондон, каде привремено престојува главниот лик.
Сепак, централното сиже на романот се движи околу неверојатната животна приказна на двете сијамски близначки Злата и Сребра, нивната обележаност од малограѓанската средина и тешкиот живот во една скопска приградска населба.
Двете близначки се сосема спротивни според карактерот, но на моменти одлично се надополнуваат. Злата прави морален престап кон својата сестра, бидејќи пијано флертува со нејзиниот свршеник, што предизвикува реакција кај Сребра, која инсистира по секоја цена да се изврши операцијата за нивното одвојување.
Нивната желба да се одвојат една од друга на крајот завршува трагично, со смртта на Сребра. Исто така, најдобрата другарка на блиначките, Розе, умира многу рано, по случајна вина на Злата.
OhridNews