Во Кино Култура во Скопје, денеска, ќе биде промовиран романот „Рапави стихови“ од македонскиот писател и поет Милован Стефановски. Најновото прозно дело на Стефаноски го објави „Везилка 2011“, во својата едиција „Проза“.
– Романот „Рапави стихови“ покренува едно суштествено прашање: како да се преобрази Куќата во Дом, во топло семејно огниште. Кога животот се поминува во потрага по таков Дом кој ќе биде огледало на архетипот на Домот, природно е да се очекува да дојде до опсесивна обземеност од идејата за враќањето во првата куќа, природно е да дојде до фасцинација од идејата за првата куќа (не од самата куќа!) – пишува во поговорот на романот Катица Ќулавкова.
На промоцијата ќе говорат Катица Ќулавкова и Ристо Лазаров. Извадоци од романот ќе интерпретира Олгица Марковска, додека музичка илустрација е на Ангел Витанов, гитара.