Утре, 29- ти ноември, во 18 часот, во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, ќе се изврши промоција на романот „Љубовта на капетанот“ од струшкиот писател Ресул Шабани.
Промотори на најновото прозно дело на Ресул Шабани ќе бидат Петко Шипинкаровски, писател и главен и одговорен уредник на „Бранувања“, и м-р Мерсиха Исмајлоска, книжевник и литературен критичар. Ресул Шабани, автор е на повеќе поетски, драмски и прозни книги, а добитник е на повеќе награди и признанија. Носител е на државната награда „11 Октомври“.
Пристаништето на прекрасното езеро, мудростите на професорот и капетанот, пајтонот и пајтонџијата Гано, крајезерската таверна на Хаџи Емин со градскиот плоштат и централниот мост, се главните места на случувањата на сторијата во која како низ заплеткан еж се провираат звуците на даровитиот збор и раскошниот талент во нарацијата и опишувањето за Професорот Наим, Капетанот Тал, кафанџијата Караѓоз, келнерот Морена, убавата Еврејка Берта- жена на Караѓоз, како и полицискиот агент во Гестапо Генти, нацистичкиот Мајор, и уште по некој спореден лик во романот.
OhridNews