Во рамки на научната уметничка визита 2017 на МАНУ, во соработка со манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, денеска, 28-ми јули, ќе биде промовирана проект – книгата „Извештаи на рисот“ од авторите Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски.

Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Иван Џепаровски.

Стихозбирката „Извештаи на рисот“ е оригинален и уметнички кохерентен проект составен од песни на поетот Славе Ѓорѓо Димоски и цртежи на сликарот Сергеј Андреевски. Книгата на 44 страници содржи дваесетина песни од Димоски и исто толку цртежи од Андреевски, распоредени во неколку циклуси. Таа претставува метафоричко-алегориски однос кон актуелното време, пред сѐ врзано за нас самите. „Извештаи“ како строго полициски термин и „Рисот“, амблематичен лирски субјект којшто е симбол на индивидуалноста, на слободата и на дивиот порив, тајновито присутен во сенчестите агли на недопрените гори, но кој исчезнува или веќе е исчезнат. 

Книгата со својот концепт и самиот наслов има и еколошка димензија да ја подразбуди свеста за исчезнувањето на рисот од нашите планини. Меѓу примероците на промоцијата ќе има и книги кои содржат оригинален потпишан цртеж од сликарот Сергеј Андреевски. 

Промоцијата ќе се одржи во куќата на Уранија во Охрид со почеток во 20 часот. 

OhridNews