Градоначалникот Никола Бакрачески, во ресторанот “Језеро“на Ада Циганлија во Белград ,се обрати  на традиционалната Охридска вечер што општина Охрид   ја организира  во рамки на  годинешниот туристички саем кој од 19-ти до 22 –ри февруари се одржува во Србија. Пред претставниците  од дипломатскиот  кор, познати личности од политичкиот и јавниот живот во Србија,  хотелиери, угостители и тур-оператори од повеќе земји, градоначалникот Бакрачески ги презентира карактеристиките на Охрид како туристичка дестинација привлечна за се поголем број гости.

– Оние кои дошле еднаш , повторно  се враќаат во Охрид. Не знам дали причината за тоа е невидливиот линк на пријателство кој зрачи од секој камен  од   охридските сокаци  или тоа е духовноста која извира од прастарите  монументални објекти ,но јас  знам дека пријателите секогаш се добредојдени во Охрид.  И  тие кај нас  се враќаат со години и генерации на назад. Токму затоа  , како што велат нашите охриѓани , кој еднаш се напил вода од  Бијанините  извори, тоа повторно ќе го направи друг пат  и во друго време. Ете затоа мои српски пријатели, Охрид не е само туристичка дестинација која треба да ја посетите, туку тоа е град кој освојува со својата едноставност и во исто време го отвора своето срце  за секој добронамерник. Таква  е нашата  Балканска емотивност, која секој не може да ја разбере.  Но   најважно е, што  ние  добро  се разбираме и што успеавме и покрај сите проблеми кои ги имавме на овие простори да останеме добри пријатели, потенцира Бакрачески.

На 37- от туристички саем во Белград, покрај претставници од општина Охрид,  учествуваа и околу четириесетина претставници од туристичкиот бизнис сектор.  Белградскиот саем за туризам е најголемата туристичка манифестација во Југоисточна Европа, чие постоење ги исполнува светските стандарди во деловниот бизнис, градејќи партнерски односи со излагачите, а со квалитетната понуда и разновидните настани во рамки на манифестацијата секоја година привлекува се повеќе посетители.

Оваа година на саемот  се претставуваат  рекордни 1.031 излагачи, од кои 291 странски од 53 држави од целиот Свет.

По саемот во Белград, како атрактивна туристичка дестинација Охрид ќе се промовира и во  Сараево, Љубљана, Осло, Европскиот парламент , Тел Авив, Москва. Целта на ваквите настани  е   покрај Охрид,  да се презентираат и туристичките потенцијали на поширокиот регион.

OhridNews