Вечерва со почеток во 19 часот, во катедралната црква Св. Софија ќе биде промовирана монографијата „50 години Охридско лето“. Во рамки на промоцијата ќе биде доделена Златна плакета за специјални заслуги за фестивалот на г-ѓа Ана Липша–Тофовиќ, уметникот чиј глас го одбележа почетокот на фестивалот Охридско лето, на 4 август 1961 година.

Во едно летно претпладне, во август 1961 година, првенката на македонската Опера Ана Липша-Тофовиќ, со својот сопруг и група пријатели, разгледувајќи ја црквата „Света Софија“, решава да запее во неа. Сите присутни се фасцинирани од извонредната акустика. Во тој момент Ана Липша била ангажирана за изведба на специфична концертна програма од дела на стари мајстори за Светскиот конгрес на византолозите, одржан истата есен во Охрид. Низ разговор на летната тераса во ресторанот „Летница“ таа решава, поддржана од група уметници и културни работници, со оваа програма да приреди концерт во црквата „Света Софија“. Петар Тофовиќ, Димче и Хилда Кондовски, Илија Зафировски, Видое Видически, Димче Протуѓер, Димче Маленко, Виктор Плевнеш, Љубен Батковски… го пренесуваат на раце во „Света Софија“ единственото концертно пијано во Охрид, сопственост на фамилијата Радиќ, како и дел од инвентарот на предвоениот хотел „Српски цар“. Од Скопје е повикан пијанистот Ладислав Перлдик. Попладнето на 4 август 1961 година – концертот е одржан. Веќе следната година Концертната дирекција на Македонија, во соработка со Републичката културно-просветна заедница и со Домот на култура во Охрид, организира систем од музички приредби под наслов „Охридско лето“.

OhridNews