На 4-ти октомври, среда, со почеток во 18 часот, во Охрид, во кафе-бар „Shilla“ ќе се одржи промоција на книгата со илустрации на македонскиот стрип цртач и илустратор, Игор Јовчевски. Тој е претставник на помладата генерација стрип автори кај нас, автор на повеќе стрипови, учествувал на многу меѓународни стрип фестивали и конкурси, објавувал самостојно и групно во повеќе регионални стрип ревии, негови стрипови се дел од заеднички проекти.

Издал неколку стрип албуми со сопствени дела, како „Кратки резови“ (избор од повеќе кратки стрипови), „Чуварите на вечната светлина“ (целосна приказна во еден албум), „Ајвармен“ (соработка со сценаристот Давор Драмиќанин), илустрирал неколку стрип-сликовници посветени на македонски револуционери, автор на детски илустрации во списанието за деца „Смешко“ итн.

Пред охридската публика се појавува за првпат. Книгата со илустрации доаѓа како финале на неговата изложба од пред шест години, со исто име, каде беа претставени илустрации направени со туш, заокружување на еден процес кој беше надополнет и со еден несекојдневен проект, папка со илустрации „Меч, магија, колт и Стетсон“. Тој е препознатлив по црно-белите илустрации, по чистиот израз и владеењето со туш перцето. Оваа техника, со текот на годините, ја довел практично до совршенство. Целта е настанот да го пополни оној културен ваккум, некако својствен за Охрид, вон сезона, културни настани да има и наесен и на зима.

Претстојниот е уште еден во низата квалитетни културни настани организирани во “Shilla“ – концептуелен кафе-бар кој се повеќе се истакнува како алтернативна арт-сцена во Охрид. “Ги охрабруваме креативците од сите сфери да нè контактираат во врска со промоција на нивниот труд. Отворени сме за соработка и споделување на уметноста во секоја нејзина форма како арт и дизајн, мода, музика, книги, адвертајзинг, архитектура.“ – порачуваат од менаџерскиот тим.

OhridNews