Во присуство на гости и новинари, вчера во спомен куќата „Григор Прличев“ беше промовирана книгата „Денационализацијата на Арм`ните“ од Д-р Нико Попникола, писател од Битола. Промотор на делото беше д-р Константин Нича, а воведна реч одржа (и на македонски и на влашки односно армжнски) директорот на Завод и музеј Охрид – Јордан Трца, Влав (Арм`н) по националност.


70-годишниот Попникола бил инспириран, подобро речено испровоциран од негрижата на македонската држава за ова малцинство.

„Во Македонија 60 години постои Институт за национална историја, а тој институт не напишал ни шеесет страни за Власите односно Арм`ните, нивното потекло или историја. За отворање школи на мајчин јазик или слично не станува збор. Со тоа сметам дека се врши еден перфиден етноцид врз Арм`ните, нивна асимилација. Преку нашата претставничка во парламентот на Македонија, г-ѓа Кипаризова, ќе бараме измена на Уставот, официјализирање на називот Арм`н(и), како и поголема застапеност во сите сфери од живеењето“, изјави Попникола.
Според пописот од 2002 година во Македонија како Власи односно Арм`ни се изјасниле 9 695 лица што според Нико Попникола не е реална бројка, бидејќи од организаторите на пописот е „извршен класичен фалсификат“, со намера бројот на Арм`ните да биде помал, во корист на мнозинскиот македонски народ.

Сепак и самиот автор признава дека дел од вината за ваквата засилена асимилација лежи и кај Арм`ните кои од разни причини (интереси) се „пишуваат Македонци“.

Освен Јордан Трца, на промоцијата присуствуваа и други познати Власи (Арм`ни) од Охрид како Анита Кипаризоска, пратеничка во парламентот, Никола Манески од ЛЕР и др.

Текст и фотографии:
С. Костоски