Во рамки на „Научно уметничката визита 2015“ вечерва со почеток во 20 часот во Куќата на Уранија ќе биде бидат промовирани четирите тома од делото „Summa aestheticae“ на академик Георги Старделов.  Промотори ќе бидат д-р Ферид Мухиќ и проф. д-р Иван Џепароски.

Старделов дипломирал философија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал по филозофски науки во 1965 година. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956-1966), негов декан (1975-1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на Македонскиот ПЕН центар. За неговиот севкупен творечки опус, на Филозофскиот факултет во Скопје е одбранета докторска дисертација под наслов „Естетичките, културолошките и литературнокритичките концепции на Георги Старделов“ (1977).

За член на МАНУ бил избран во 1986 година. Во периодот од 2000 до 2004 година бил потпретседател на МАНУ, а од 1 јануари 2008 година станал и претседател на МАНУ. Во МАНУ, од 1993 година раководел со макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција биле издадени 20 тома.

По промоцијата на книгата на Старделов, во 21 часот исто така во Куќата на Уранија ќе биде отворена изложбата „Tempi non passati“ на академик Глигор Чемерски. Изложбата, ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ.

Чемерски е еден од позначајните современи македонски уметници. Неговиот стил е инспириран од експресионизмот и православните икони, тој е сликар, графичар и мозаичар. Во 1962 година, првпат самостојно изложува во Скопје, по што следуваат индивидуални изложби во Охрид, Струмица, Кавадарци, Белград, Загреб, Будва, Александрија, Париз, Хаг, Вашингтон, Вилмингтон и уште во многу други градови. За редовен член на МАНУ е избран на 4-ти јуни 2012 година.

Во декември 2014 година, во галеријата на Руската академија на уметноста „Зураб Цератели“ во Москва била отворена неговата самостојна изложба „Настани и знаци на земјата македонска“. Изложбата била поставена во чест на неговата инаугурација во почесен член на Руската академија на уметностите „Императорска“, а на неа биле изложени 43 дела од различни периоди на неговото творештво.

Академик Глигор Чемерски имаше изложба во Охрид во 2012 година.

OhridNews