Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 19 часот во Куќата на Уранијаќе се одржи промоција на четвртата книга „Собрани драми“ од драмскиот писател Горан Стефановски. Промотор на книгата ќе биде академик Катица Ќулавкова. Оваа промоција е дел и од програмата на годинешното издание „Научно уметничката визита 2015“ која во организација на МАНУ се одржува во Охрид.
Четвртата книга со собрани драми ја сочинуваат драмите: „Одисеја“, поставена на сцената на театарот Улисис од Загреб во режија на Александар Поповски, „Огнени јазици“ поставена во Драмскиот театар во Скопје во режија на Слободан Унковски, „Figurae veneris historiae“ поставена во Словенското народно гледалишче Драма од Љубљана во режија на Александар Поповски.
Горан Стефановски е роден во Битола, во 1952 година и е еден од најзначајните македонски драмски писатели. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет.
Од 1986 година е професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Моментно живее и работи во Англија. Член е на Македонскиот ПЕН центар и член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година. Од 2004 година е член на Македонската академија на науките и уметностите.
OhridNews